Qais Omar Darwesh Omar,Mahmut Geldi,Ömer Erdem
24 Јули 2024•Ажурирај: 25 Јули 2024
РАМАЛА (АА) – Најмалку тројца Палестинци се убиени за време на рациите на израелските сили утринава на окупираниот Западен Брег, јавува Анадолу.
Палестинската новинска агенција ВАФА објави дека израелските војници извршиле рации во градовите Тулкерим, Тубас и Источен Ал Кудс (Источен Ерусалим).
Првата рација била извршена во градот Тубас, каде бил убиен палестинскиот цариник Абдунасир Серхан, а бил повреден цариникот Мухамед Бишарат.
Израелските сили ја пребараа и куќата на Палестинецот Мохамед Мунасире, кој претходно беше убиен за време на рација во бегалскиот камп Каландија во источен Ерусалим.
Во Каландија беше убиен 20-годишниот Ахмед Нидал Аслан, а повредени се уште осум Палестинци.
Почина и палестинското момче кое беше тешко повреденo во вчерашната рација на израелските војници во Тулкерим.
Израелските војници приведоа неколку Палестинци за време на рацијата во домови во градот Витлеем.
Прекршувајќи ја Резолуцијата на Советот за безбедност на ОН со која се бара итен прекин на огнот, Израел се соочи со меѓународна осуда поради континуираната брутална офанзива врз Газа по нападот на Хамас на 7 октомври.
Заедно со нападите врз Газа, од 7 октомври, израелските сили ги интензивираа рациите и нападите врз палестинските населби на окупираниот Западен Брег. Во тој период на Западниот Брег беа убиени најмалку 589 Палестинци.