Turgut Alp Boyraz
15 Август 2017•Ажурирај: 15 Август 2017
ЕРУСАЛИМ (АА) - Израелските сили срушија една палестинска двокатна зграда во населбата Исевиja во окупираниот Источен Ерусалим, бидејќи немала дозвола, јавува Anadolu Agency (AA).
Екипите на градот Ерусалим во Израел, придружени од страна на голем број полицајци, дошле во населбата за да ја срушат зградата во сопственост на Палестинецот Абдула Хамдан, изградена пред 10 години. Зградата е срушена со булдожерите на градот, а полицајците ја обезбедија околината на зградата со цел никој да не може да се приближи до објектот.
Мухамед Ебу Хумус, член на Народниот комитет за одбрана на Исејвијa, во изјава за АА истакна дека во рамките на срушената зграда имало еден стан и две продавници.
Хумус пренесе дека околу 200 полицајци без да известат за рушењето дошле во населбата и ги исфрлиле сите работи од зградата на улица. „Срушената зграда беше изградена пред 10 години. Исто така, околу 200 куќи во населбата се соочуваат со ризик од рушење. Овие рушења се дел од политиката за колективно казнување на Палестинците од страна на Израел, кој го држи под окупација Источен Ерусалим. Во текот на оваа година, од страна на израелските сили срушени се 16 куќи во населбата“, изјави тој.
Хумус нагласи дека сопственикот на срушената зграда моментално е во посета на Соединетите Американски Држави (САД).
Израелските власти се закануваат со рушење на илјадници палестински куќи во Источен Ерусалим, со тврдење дека се нелегални. Палестинците, пак, велат дека израелските власти избегнуваат да дадат дозволи и оти ова нема никаква правна основа. Тие истакнуваат дека ова е дел од политиката на Израел за тероризирање и јудаизација на градот.
Исто така, локалните и меѓународните организации за човекови права велат дека со тоа што не им дава дозвола на Палестинците да градат куќи во окупираниот Источен Ерусалим, Израел има за цел да го намали бројот на Палестинците во градот.
Според извештајот објавен од страна на Канцелариијата за координација на хуманитарни работи на ОН, во првите шест месеци од 2017 година, израелските власти срушиле 74 палестински куќи, при што 158 лица останале без покрив над глава.
Според Центарот за истражување и сертификација „Абдула Ел-Хаврни“ при „Палестинската ослободителна организација“, израелските власти минатата година срушиле 488 куќи и 535 различни објекти на Палестинците.