Mehmet Nuri Uçar
06 Септември 2024•Ажурирај: 08 Септември 2024
ЏЕНИН (АА) - Израелската армија рано утринава се повлече од градот Џенин и неговиот бегалски камп во северниот дел на окупираниот Западен Брег по 10 дена упади и напади, што резултираше со голем број смртни случаи и уништување, јавува Анадолу.
Израелските сили го напуштија градот и кампот Џенин по 10-дневни напади во кои загинаа и ранети се десетици луѓе, оставајќи зад себе урнатини, објави државната палестинска агенција Вафа.
Жителите на Џенин изразија стравување дека израелската армија ќе се врати во градот и кампот за да започне дополнителни напади по повлекувањето и позиционирањето на околните воени контролни пунктови, како што се случувало постојано во минатото.
Израелските сили ги уништија главните патишта во Џенин, бегалскиот камп и инфраструктурата во областа источно од градот. Водата, струјата и комуникациските линии беа прекинати како последица на копањето што го изврши израелската градежна механизација во подрачјето и урнатините.
Израелската армија на 28 август ја започна својата најобемна воена кампања на северниот дел на Западниот Брег во последните две децении.
Тензиите се интензивираа низ окупираниот Западен Брег додека Израел продолжува во својата офанзива во Појасот Газа, во која од минатиот 7 октомври загинаа над 40.800 Палестинци, претежно жени и деца.
Најмалку 691 лице се убиени, а повеќе од 5.700 се повредени од израелски престрелки на Западниот Брег оттогаш, според подаоците на Министерството за здравство.