Dilara Hamit,Zein Khalil
06 Април 2023•Ажурирај: 07 Април 2023
ЕРУСАЛИМ/КУДС (АА) - Израелските безбедносни сили вчера, втора ноќ по ред, упаднаа во комплексот на џамијата „Ал Акса“ во окупираниот Источен Ал Кудс (Ерусалим) и ги нападнаа палестинските верници по молитвата, јавува Анадолу.
Очевидци за Анадолу изјавија дека израелските сили упаднале во молитвената сала „Ал Кибли“ во комплексот на џамијата „Ал Акса“ по терави-намаз, специјална молитва за време на светиот муслимански месец Рамазан, и испукале шок-бомби и ги претепале палестинските верници.
Во меѓувреме, палестинската Црвена полумесечина во Ал Кудс соопшти дека нивните медицински тимови во комплексот на џамијата „Ал Акса“ лекувале шестмина Палестинци, од кои двајца биле пренесени во болница.
Според израелскиот „Једиот Ахронот“, Палестинците фрлале камења и огномет врз израелските сили.
Вчера изутрина израелската полиција ги нападна Палестинците во молитвената сала „Ал Кибли“ и приведе околу 350 верници во џамијата.
Според податоците на Комисијата за прашања на палестинските затвореници, израелската полиција почнала да ги ослободува затворениците под услов една недела да се држат подалеку од џамијата „Ал Акса“ и стариот град Ал Кудс.
Израел го окупира Источен Ал Кудс, каде што се наоѓа „Ал Акса“, за време на Арапско-израелската војна во 1967 година. Тој го анектира целиот град во 1980 година, потег кој никогаш не беше признат од меѓународната заедница.