свет

Израелските сили во Источен Ерусалим приведоа холандски пратеник од турско потекло

Холандскиот пратеник Тунахан Кузу е приведен во Источен Ерусалим од страна на израелските сили

Abdullah Aşıran  | 17.05.2019 - Обновена : 18.05.2019
Израелските сили во Источен Ерусалим приведоа холандски пратеник од турско потекло

РОТЕРДАМ (АА) - Тунахан Кузу, пратеник на политичката партија Денк (Denk) од Холандија, во која претежно членуваат Турци и мигранти, приведен е во Источен Ерусалим (Кудс) од страна на Израел, кој таа територија ја држи под окупација, пренесува Anadolu Agency (AA).

Во соопштението што го објави партијата Денк се вели: „Кузу, кој со палестинско знаме во рацете и група луѓе се движел кон месџидот „Ал Акса“, е приведен од страна на израелските полицајци и војници.“

На видеоснимките што партијата Денк ги сподели на социјалните мрежи може да се забележи како израелските војници и полицајци го опколуваат пратеникот Кузу додека го носи палестинското знаме и го приведуваат.

Во продолжение на соопштението се вели дека Кузу заедно со својот тим се наоѓал во посета на Палестина и Израел, додавајќи дека холандскиот пратеник учествувал во одбележувањето на Денот во спомен на „Накба“ и имал средби со претставници на некои невладини организации во врска со случувањата во регионот.

Пред 71 година, стотици илјади Палестинци беа принудени од Израел да ги напуштат своите села и градови во Палестина и да заминат во соседните земји Јордан, Либан и Сирија.

Палестинците го користат терминот „Накба“ или „Катастрофа“ на арапски, кој се однесува на прогонот во 1948 година од страна на ционистите.

И покрај долгодецениското страдање, Палестинците продолжуваат да го афирмираат нивното право за враќање во нивните домови и села во Палестина, создавајќи начини како да се реализира сето тоа.

Последниот начин за задржување на нивното право за враќање се неделните протести по должината на тампон-зоната на Појасот Газа, кои траат веќе 54 недели.

На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.