Израелските медиуми открија детали од планот од 15 точки доставен од САД на Иран
Со предложениот договор се предвидува прекин на работа на сите постојни ирански нуклеарни капацитети и обврска дека Техеран никогаш нема да се стреми кон нуклеарно оружје
ИСТАНБУЛ (АА) - Израелските медиуми синоќа ги објавија деталите од планот што Соединетите Американски Држави (САД) му го доставиле на Иран, со цел ставање крај на војната на Блискиот Исток, јавува Анадолу.
Ова се случи откако американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека Вашингтон и Техеран постигнале согласност за 15 „главни точки од договорот“.
Според извештајот на израелскиот „Канал 12“, со предложениот договор се предвидува прекин на работа на сите постојни ирански нуклеарни капацитети и обврска дека Техеран никогаш нема да се стреми кон нуклеарно оружје.
Планот предвидува целосен прекин на производството на нуклеарен материјал за воени цели на иранска територија.
Сите резерви на збогатен материјал би ѝ биле предадени на Меѓународната агенција за атомска енергија (МААЕ) во рамките на договорениот временски рок.
Нуклеарните централи Натанз, Исфахан и Фордо, исто така, би биле уништени.
МААЕ би добила целосен пристап до сите информации поврзани со иранската нуклеарна програма.
Во извештајот, исто така, се наведува дека Иран ќе мора да престане со финансирање, насочување и вооружување на своите сојузници (прокси-групи) во регионот.
Исто така, Ормускиот Теснец мора да остане отворен како слободна поморска зона без никакви блокади.
Прашањето за ракетната програма на Иран ќе биде официјално решено подоцна, но во планот се нагласува дека дострелот и бројот на ракети ќе бидат ограничени.
Во иднина Иран би можел да ги користи ракетите исклучиво за одбранбени цели.
Како компензација за овие отстапки, сите санкции против Иран би биле укинати. Техеран, исто така, би добил меѓународна помош за развој на проект за нуклеарна енергија за цивилна употреба во Бушер.
Во извештајот се додава дека договорот вклучува и отстранување на т.н. „снепбек“ закана, механизмот за автоматско враќање на санкциите на Обединетите нации од страна на Велика Британија, Франција и Германија.
Тензиите ескалираа откако американските и израелските напади врз Иран започнаа на 28 февруари.
Иран возврати со напади со беспилотни летала и ракети насочени кон Израел и земјите од Персискиот Залив каде што се наоѓаат американски воени бази.
На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.
