Bekir Aydoğan
10 Јули 2024•Ажурирај: 11 Јули 2024
ИСТАНБУЛ (АА) - Војниците кои учествуваа во израелските напади, предизвикувајќи големи разурнувања во Појасот Газа од 7 октомври досега, изјавија дека војската пукала по случаен избор врз цивилите, ги палела куќите, а улиците биле исполнети со убиени Палестинци, известува Анадолу.
Во веста што во соработка со „Local Call“ ја објави веб-страницата „+972“ со седиште во Тел Авив, базирана врз изјавите на 6 израелски војници кои учествувале во нападите во Газа, станува збор за масакрите на израелската Армија врз цивилите во Газа.
Во веста заснована врз изјавите на 6 израелски војници на кои им завршила активната должност во Газа, се наведува дека палестинските цивили кои влегувале во областите што Израел ги дефинирал за „забранети зони“ рутински биле егзекутирани од Армијата.
Објаснувајќи дека телата на убиените цивили биле оставени да гнијат и да бидат изедени од бездомни животни, војниците истакнале дека Армијата ги сокрила овие тела пред да пристигнат меѓународните конвои со помош.
Двајца од војниците изјавија дека по окупацијата на териториите биле сведоци на политиката на систематско палење на домовите на Палестинците.
Додека различни извори наведуваат дека „војниците го ублажувале стресот пукајќи без ограничувања“, еден војник кој учествувал во нападите во Газа изјави: „Доколку постои и најмало чувство од закана, нема потреба да објаснувате, само ќе пукате“.
Зборувајќи како ги бирале за цел палестинските цивили, еден војник рече: „Дури и секој што би ги погледнал од прозорец би бил осомничен и бил застрелан“.
Друг војник раскажа дека израелската Армија без причина интензивно пукала на навидум напуштени места и истакна дека таквите наредби доаѓале директно од командантите на теренот, а понекогаш тоа се спроведувало дури и кога немало наредба.
Друг војник за методите користени во нападите на Газа рече:
„Прво пукај, потоа поставувај прашања. Тоа беше општо размислување. Доколку непотребно уништиме некоја куќа или пукаме во некого кога не мораме, никој нема да заплаче.“