Ikrame Imane Kouachi
12 Октомври 2023•Ажурирај: 13 Октомври 2023
КУДС (АА) - Израелскиот министер за енергетика, Израел Кац, денес изјави дека струја, вода и гориво нема да се обезбедуваат за Газа додека Израелците кои се држат како заложници во Појасот Газа не се вратат во своите домови, јавува Анадолу.
„Хуманитарна помош за Газа? Нема да се вклучи електричниот прекинувач, нема да се отвори ниту еден хидрант за вода, ниту еден камион со гориво нема да влезе во Газа додека не се вратат грабнатите Израелци. Никој нема да ни проповеда морал“, рече министерот Кац.
Во драматичната ескалација на тензиите на Блискиот Исток, израелските сили започнаа непрекината и силна воена кампања против Појасот Газа, како одговор на воената офанзива на палестинската група Хамас на израелска територија.
Конфликтот започна кога Хамас ја започна операцијата „Поплава Ал-Акса“ против Израел, ненадеен напад од повеќе страни, лансирање ракети и инфилтрација во Израел преку копно, море и воздух, за што Хамас рече дека е одмазда за рациите во џамијата „Ал-Акса“ во окупираниот Источен Кудс (Ерусалим) и растечкото насилство на еврејските доселеници врз Палестинците.
Како одговор на акциите на Хамас, израелската војска ја започна операцијата „Железни мечеви“ кон позициите на Хамас во Појасот Газа.
Тој одговор беше проширен на прекинување на водата и електричната енергија, како и на дотурот на храна и гориво за Газа, во рамките на најавената „целосна опсада“, што наметнува дополнително влошување на условите за живот во подрачјето кое е под строга опсада од 2007 година.