Повеќе од 100 морнари исчезнати по напад на ирански воен брод во близина на Шри Ланка
- Воениот брод потона крај јужниот брег на Шри Ланка, а морнарицата и воздухопловните сили на земјата се вклучени во заедничка операција за спасување на екипажот на бродот „ИРИС Дена“ крај брегот на градот Гале
ИСЛАМАБАД / ИСТАНБУЛ (АА) - Најмалку 101 морнар се водат за исчезнати откако ирански воен брод беше „нападнат од странска подморница“ во близина на јужноазиската островска држава Шри Ланка, објави локалниот весник „Дејли мирор“, повикувајќи се на извори од одбраната, јавува Анадолу.
Се додава дека во инцидентот се повредени уште 78 морнари, додека идентитетот на морнарите останува непознат.
Воениот брод потона крај јужниот брег на Шри Ланка, а морнарицата и воздухопловните сили на земјата се вклучени во заедничка операција за спасување на екипажот на бродот „ИРИС Дена“ крај брегот на градот Гале.
Претходно денес властите соопштија дека операцијата била фокусирана на евакуација на членовите на екипажот откако бродот издал повик за помош во кој се вели дека е погоден.
Бродот „ИРИС Дена“ е фрегата од класата „Муџ“ што служи во Јужната флота на иранската морнарица.
Повредените се згрижени во болницата Карапитија во Гале, соопштија локалните власти.
Властите на Шри Ланка не потврдија дали иранскиот брод бил нападнат.
Пред инцидентот, иранскиот воен брод неодамна учествуваше во мултинационалните поморски вежби „Милано 2026“ и преглед на флотата што се одржаа во Висакапатнам, Индија.
Инцидентот се случи во моментот кога САД и Израел продолжуваат со воздушните напади врз Иран што започнаа минатата сабота и во кои се убиени врховниот лидер на Иран, Али Хаменеи, и уште 786 други лица, вклучувајќи и голем број ученички.
Техеран возврати со напади со дронови и беспилотни летала врз Израел, како и врз земји од Заливот во кои се наоѓаат американски воени бази.
На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.
