КУДС (ЕРУСАЛИМ) (АА) - Во израелскиот затвор Сде Тејман, воена установа во пустината Негев во Јужен Израел, се сместени илјадници Палестинци уапсени од израелските сили во Газа во текот на нивниот разорен напад кој започна на 7 октомври, пишува Анадолу.
Затворот, наречен „Израелски Гвантанамо“, е во очите на јавноста уште од раните денови на израелската војна, бидејќи се појавија извештаи за обемот на измачување на палестинските затвореници во објектот, кој е далеку од надзорот на групите за човекови права.
Според израелското армиско радио, неодамна 10 војници биле приведени на сослушување како дел од истрагата за групното силување на палестински притвореник од Газа во затворот.
Како одговор, стотици израелски демонстранти, вклучително и официјални лица, упаднаа во затворската установа во знак на протест заради апсењето на војниците поради инцидентот.
- Историја на злоупотреби -
Воената база, која моментно е под команда на јужната армија, беше формирана по операцијата на Еврејската агенција за носење 49.000 Евреи од Јемен во Израел во 1949 и во 1950 година.
За време на израелските војни во Газа во 2008 и во 2014 година, стотици Палестинци од Газа беа уапсени и пратени во Сде Тејман.
Во последната израелска војна против Газа, Израел уапси стотици Палестинци и ги класифицира како „незаконски борци“.
Здружението за граѓански права во Израел соопшти дека уапсените се лишени од храна, а кога јадат, тоа го прават со врзани очи и со лисици.
Во соопштението се додава дека затворот е преполн, а затворениците спијат и вршат нужда со врзани очи и лисици, исто така, нема здравствена заштита, а многумина умираат како резултат на тоа.
Исто така, нема точен број на палестински затвореници кои се во Сде Тејман.
Во средината на јули израелскиот дневен весник Хаарец објави дека израелската армија држи тела на 1.500 Палестинци за кои се верува дека се вооружени припадници на Хамас во Сде Тејман од 7 октомври.
Хаарец цитираше израелски војник што служел во Сде Тејман, кој рекол дека телата се чуваат во фрижидери и класифицирани се со бројки, а не со имиња.
- Петиција за затворање на Сде Тејман -
Здружението за граѓански права во Израел и пет други групи за права во мај поднесоа петиција до израелскиот Врховен суд за итно затворање на затворот.
Во претставката тие наведоа дека во изминатите неколку месеци се обезбедени докази за прекршоци во затворот.
„Хируршките операции во затворската установа се вршеа без анестезија, а притворениците беа врзани со лисици на начини што доведоа до ампутации“, соопштуваат од здружението.
Здружението истакна дека во затворот е формирана теренска болница, но во неа не е обезбедена минимална здравствена заштита што е потребна за затворениците.
Според Хаарец, 36 Палестинци починале во затворот од 7 октомври.
- Сведоштва за тортура -
Израелскиот Врховен суд сè уште го разгледува случајот што го отворија израелските организации за човекови права со барање итно да се затвори Сде Тејман по извештаите за тортура и убиства на Палестинците приведени во установата.
Хаарец цитираше еден израелски војник што бил дел од армиските „Сили 100“ што го надгледуваат затворот како потврда за лошиот третман на затворениците.
Врз основа на сведоштвата на неодамна ослободените затвореници, тие биле предмет на многубројни видови тортура и нехумано постапување, вклучително и присилно соблекување, врзување и врзување очи, струен удар, систематско гладување и сечење на телото со остри алатки.
Во другите пријавени злоупотреби има лишување од спиење, капење и медицинска нега, напади на кучиња и изложување на екстремен студ.
Прекршувајќи ја резолуцијата на Советот за безбедност на Обединетите нации со која се бара итен прекин на огнот, Израел спроведува брутални напади со неселективно бомбардирање на цивилни населби, училишта, верски објекти и болници во Појасот Газа почнувајќи од 7 октомври минатата година.
Според локалните здравствени власти, оттогаш се убиени над 39.300 Палестинци, главно жени и деца, а речиси 91.000 се повредени.
По повеќе од девет месеци израелски напади големи делови од Газа се во урнатини.
Израел е обвинет за геноцид пред Меѓународниот суд на правдата.