Said Amori,Ali Semerci
14 Април 2023•Ажурирај: 14 Април 2023
АЛ-КУДС (АА) - Израелската полиција приведе три Палестинки на една од портите на влезот во џамијата „Ал Акса“ во окупираниот Источен Ал-Кудс (Источен Ерусалим), јавува Анадолу.
Очевидците наведоа дека израелската полиција привела три Палестинки со образложение дека се обиделе да влезат во „Ал Акса“ и покрај тоа што имало забрана за нив.
Тие додадоа дека се приведени Хатиџе Хавис, Хенади ал Халвани и Нефисе Хавис, кои беа суспендирани да влезат по минатонеделниот настан во џамијата „Ал Акса“.
Израелската полиција сѐ уште не го коментираше случајот.
Откако израелските сили упаднаа во „Ал Акса“ и ги избркаа верниците од комплексот на џамијата претходно овој месец, тензиите се зголемија низ палестинската територија.
Израелските рации беа предизвикани од ракетните напади од Појасот Газа и Либан, на што Израелците одговорија со воздушни напади.
Палестинците ги обвинуваат Израелците дека систематски го јудаизираат Источен Ал-Кудс, каде што се наоѓа „Ал Акса“, трето најважно муслиманско свето место.
Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху на 11 април одлучи на еврејските посетители и туристи до крајот на Рамазан да им биде забрането да го посетуваат комплексот Ридот на храмовите во Ал-Кудс, каде што се наоѓа џамијата „Ал Акса“.