Rania R.a. Abushamala
09 Април 2025•Ажурирај: 13 Април 2025
Израелската полиција вечерва насилно ги растури протестите во Западен Ерусалим на кои се бараше да се стави крај на израелската геноцидна војна во Појасот Газа, пренесува Анадолу.
Десетици левичарски активисти од движењето „Слободен Ерусалим“ протестираа на плоштадот „Париз“ во градот против војната во Газа, објави израелскиот јавен сервис КАН.
Полицијата ги одзеде транспарентите што ги носеа демонстрантите, на кои имаше пароли „Стоп за војната“ и „Против геноцидот“.
На видеото објавено од КАН се гледаат израелски активисти како извикуваат „Доста војна“, додека полицијата насилно ги растерува.
Израелците организираа протести со барање до Владата на премиерот Бенјамин Нетанјаху да преговара за договор за прекин на војната и враќање на израелските заробеници од Газа.
Израелската војска ги продолжи смртоносните напади врз Газа на 18 март и оттогаш уби речиси 1.500 Палестинци, рани 3.700, со што го уништи јануарскиот договор за прекин на огнот и размена на затвореници со палестинската група Хамас.
Минатата недела Нетанјаху вети дека ќе ги ескалира нападите врз Газа додека се прават напори за спроведување на планот на американскиот претседател Доналд Трамп за раселување на Палестинците од енклавата.
Од октомври 2023 година досега над 50.700 Палестинци се убиени во Газа во бруталните израелски напади, а повеќето од жртвите се жени и деца.
Во ноември минатата година Меѓународниот кривичен суд издаде налози за апсење на Нетанјаху и неговиот поранешен министер за одбрана Јоав Галант за воени злосторства и злосторства против човештвото во Газа.
Израел се соочува и со случај за геноцид пред Меѓународниот суд на правдата поради неговите постапки во Газа.