Awad Rjoob,Mahmut Geldi
23 Мај 2023•Ажурирај: 24 Мај 2023
РАМАЛА (АА) - Израелската војска повреди четворица Палестинци и со експлозиви сруши една куќа во окупираниот Западен Брег, пренесува Анадолу.
„Израелските војници кои извршија рација во местото Кубатија во јужниот дел на Џенин, отворија оган врз возилото во кое се наоѓаа двајца млади од бегалскиот камп во Џенин и ги ранија младите лица“, се вели во веста на палестинската официјална новинска агенција ВАФА.
Во веста се нагласува дека едниот од повредените се наоѓа во тешка состојба.
Се истакнува дека израелските војници исто така отвориле оган и интервенирале со гасна бомба врз Палестинците кои реагирале поради овој случај.
Од друга страна, според информациите добиени од очевидците, израелската војска со експлозиви ја сруши куќата на семејството на Палестинецот Мутез ел-Хаваџа, кој беше убиен со куршум од израелската полиција во март во местото Налејн во западниот дел на Рамала.
Палестинецот Салах Хаваџа во изјава за новинарот на АА истакна дека во ноќните часови израелските сили го известиле за одлуката за уривање на куќата.
„Не ни дозволија ниту да отстраниме дел од нашите работи“, рече Хаваџа, додавајќи дека продолжуваат неправедните практики на израелските сили кон Палестинците, како што се убиства, раселувања и приведувања.
Во веста се нагласува дека дошло до немири меѓу жителите на ова подрачје и израелските сили кои ја срушиле куќата на семејството Хаваџа, при што биле повредени двајца Палестинци.