Ikrame Imane Kouachi
04 Април 2025•Ажурирај: 05 Април 2025
ГАЗА (АА) - Во израелските воздушни напади врз Појасот Газа рано утринава се убиени 15 Палестинци, а ранети се неколкумина, при што цел била и постројка за десалинизација на водата, јавува Анадолу.
Според медицински извори, 13 лица се убиени при напад врз семејна куќа во населбата Ал-Манара, југоисточно од градот Кан Јунис, во јужниот дел на Газа.
Еден Палестинец и неговата сопруга се убиени во израелски воздушен напад северно од Рафа.
Очевидци за Анадолу изјавија дека израелската армија ја гаѓала и постројката за десалинизација на водата „Габајен“ во населбата Ал-Туфа, во источниот дел на градот Газа, како дел од нејзината, како што ја нарекоа, „војна за жед“ против палестинскиот народ.
Нападот врз постројката е извршен во услови на влошена хуманитарна катастрофа откако Израел на 2 март го ограничи влезот на основни производи, како храна и вода, во Појасот Газа.
Затворањето на граничните премини ја влоши кризата со недостиг на храна и пивка вода.
Изворите сведочат дека израелската армија напредувала во источниот дел на градот Газа, во близина на населбата Шуџаја, со интензивна артилериска поддршка. Израелските сили официјално најавија проширување на офанзивата во северна Газа, започнувајќи токму од тој дел.
Израелската армија најави проширување на офанзивата во северниот дел на Газа, почнувајќи од областа Шуџаја.
Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху во неделата изјави дека ќе ја интензивира офанзивата во Газа, а во тек се напори за спроведување на планот на американскиот претседател Доналд Трамп за раселување на Палестинците од енклавата.
Во израелските напади врз Газа од октомври 2023 година досега се убиени над 50.500 Палестинци, од кои повеќето жени и деца.
Во ноември минатата година Меѓународниот кривичен суд издаде налог за апсење на премиерот Нетанјаху и поранешниот министер за одбрана Јоав Галант поради воени злосторства и злосторства против човештвото во Газа.
Израел се соочува и со тужба за геноцид пред Меѓународниот суд на правдата поради својата војна во Појасот Газа.