Fayez Abdulsalam,Halime Afra Aksoy
24 Март 2024•Ажурирај: 25 Март 2024
ГАЗА (АА) - Израелската армија спроведе рација во болницата Насер во градот Хан Јунис на југот на Појасот Газа, известува Анадолу.
Според информациите добиени од очевидци, воени возила на израелската армија влегле во подрачјето во близина на кампусот на болницата Насер, каде што се наоѓаат илјадници раселени Палестинци.
Голем број Палестинци се убиени и ранети во нападите на израелските сили врз различни региони на Хан Јунис.
Израелските воздушни напади се концентрирани на југот и истокот од кампусот на болницата Насер и во регионот Батин Семин.
Овие подрачја и понатака се цел на артилериски оган и хеликоптерски напади.
Според здравствени извори, емирот Абу Ајсе, кој бил задолжен за итни операции на палестинската Црвена полумесечина, починал од израелски оган додека бил на должност во болницата Амал, западно од Хан Јунис.
Палестинското Министерство за здравство во Газа објави дека израелските сили извршиле упад во болницата Насер на 15 февруари, а во нападите што траеле 10 дена, убиле многу раселени лица, пациенти и медицински персонал во болницата, а привеле на стотици луѓе.
Очевидци известија дека Израел извел напад на куќа во градот Рафа, на југот на Појасот Газа.
Во урнатините на семејната куќа се пронајдени тела на шест лица и голем број повредени.
Најмалку 32.226 Палестинци се убиени во израелските напади врз Појасот Газа од октомври досега, соопшти денес Министерството за здравство на опколената палестинска енклава.
Израел започна смртоносна воена офанзива врз Појасот Газа со неселективно бомбардирање на цивилни населби, училишта, верски објекти и болници по нападот на палестинската група Хамас на 7 октомври, во кој Тел Авив вели дека се убиени речиси 1.200 Израелци, но според зборовите на пилот на Израелските вооружени сили, можно е дел од загинатите Израелци да се жртва на примената на „Ханибаловиот протокол“ од страна на израелската војска.
„Ханибалова директива“ или „Ханибалов протокол“ е контроверзна процедура што ја користат израелските одбранбени сили (ИДФ), со цел да се спречи киднапирање на израелските војници од страна на непријателските сили. Според оваа директива, „киднапирањето мора да се запре со сите средства, дури и по цена на напад и елиминирање на киднапираните“. Овој протокол од страна на Израел е воведен во 1986 година.
Израел воведе целосна блокада на Појасот Газа, оставајќи го неговото население, особено жителите на северна Газа, на работ на гладување.
Според Обединетите нации, израелската војна принуди 85 отсто од населението на Газа внатрешно да се расели, каде што постои и акутен недостиг на храна, чиста вода и лекови, а 60 отсто од инфраструктурата на енклавата се оштетени или уништени.
По обвинението за геноцид што ја поднесе Јужноафриканската Република, Меѓународниот суд на правдата на 26 јануари пресуди дека Израел мора да се воздржи од какви било активности поврзани со убивање, напади и уништување на жителите на Газа и да ги преземе сите мерки за да спречи геноцид.
И покрај тоа, израелските напади врз Појасот Газа продолжуваат со несмален интензитет, а испораката на хуманитарната помош не е доволна за решавање на хуманитарната катастрофа.