Mohammad Sıo
20 Март 2024•Ажурирај: 21 Март 2024
РАМАЛА (АА) - Најмалку 30 Палестинци беа приведени синоќа во рации на израелската војска на окупираниот Западен Брег, пренесува Анадолу.
„Меѓу приведените има жена и поранешни затвореници“, се вели во заедничкото соопштение објавено од Комисијата за прашања за затворениците и Здружението на палестинските затвореници.
Се додава дека повеќето апсења се извршени во градовите Хеброн, Тулкарм, Наблус, Рамала, Ал-Кудс (Ерусалим) и Ерихон.
Според палестинските податоци, со новите апсења бројот на Палестинци приведени од израелските сили на окупираната територија од 7 октомври 2023 година се зголемил на 7.700.
Според податоците на Министерството за здравство, оттогаш се убиени најмалку 435 Палестинци, а повеќе од 4.700 се повредени од израелски оган.
Тензиите се големи низ Западниот Брег откако Израел, обвинет за геноцид, започна смртоносна воена офанзива врз Појасот Газа по прекуграничниот напад на Хамас на 7 октомври.
По обвинението за геноцид поднесено од Јужноафриканската Република, Меѓународниот суд на правдата на 26 јануари пресуди дека Израел мора да се воздржи од какви било активности поврзани со убивање, напади и уништување на жителите на Појасот Газа и да ги преземе сите мерки за да спречи геноцид.