Enes Canlı
02 Април 2024•Ажурирај: 03 Април 2024
АЛ-КУДС (ЕРУСАЛИМ) - Израелската Армија беше однапред информирана за конвојот на хуманитарната организација што беше погоден во регионот Деир ал Белах во Појасот Газа, во кој беа убиени седум лица, главно државјани на западните земји, јавува Анадолу.
Седумте загинати хуманитарци се од Австралија, Палестина, Полска, Велика Британија, како и двоен државјанин на САД и Канада.
Во вестите на израелската државна телевизија КАН беше наведено дека израелската Армија го истражува инцидентот, а според првите информации, нападот се случил „додека хуманитарната помош била префрлена од привременото пристаниште во Газа во магацинот во Деир ал Белах“.
Во вестите се наведува дека хуманитарниот конвој се координирал со израелската Армија пред нападот.
Началникот на Генералштабот на Израел, Херзи Халеви, за деталите од инцидентот, што тој го опиша како „опасен“, разговарал со Јужната команда на армијата и со COGAT кој ги надгледува цивилните административни работи на израелската армија.
Наведено е и дека безбедносни извори го оцениле нападот како „најтежок инцидент на меѓународно ниво“ и дека резултатите од воената истрага ќе бидат претставени на јавноста и меѓународната заедница.
Светската централна кујна (СЦК) потврди дека седум членови на нејзиниот тим се убиени во израелски напад врз Газа.
Хуманитарните работници „патувале во зоната без конфликти во два оклопни автомобили со логото на СЦК“, се вели во соопштението.