Dilara Hamit
08 Ноември 2023•Ажурирај: 09 Ноември 2023
АДАНА (АА) - Потиснувањето на искажувањето поддршка за Палестинците кои се соочуваат со смртоносни израелски напади е „закана за човековите права низ цела Европа“, вели израелската активистка Зохар Чембрлен Регев, јавува Анадолу.
„Живеам во Франкфурт и постојано ни се забранува да носиме кефије, да го носиме палестинското знаме, да демонстрираме на улиците, дури и тивкото бдеење со свеќи за луѓето масакрирани во Газа. Полицијата нѐ брка со водени топови“, изјави Регев за Анадолу во јужниот турски град Адана.
Таа беше меѓу големиот број луѓе што се собраа пред воздухопловната база Инџирлик за време на викендот како дел од „Конвојот на слободата за Палестина“ организиран од Турската фондација за хуманитарна помош (ИХХ).
Регев, членка на Управниот комитет на „Флотилата за слобода во Газа“, со години беше одговорна на бродот Ал-Авда, еден од неколкуте бродови во флотилата што беше киднапиран во меѓународните води од страна на израелската морнарица летото 2018 година.
Таа и нејзините колеги активисти се собраа во Истанбул за да развијат стратегија како да ја оспорат правната и хуманитарната блокада, особено со оглед на ужасните околности во Појасот Газа, каде што во израелските напади досега загинаа повеќе од 10.500 луѓе.
Според податоците на Министерството за здравство во Газа, повеќе од 4.300 деца и 2.800 жени се загинати во израелските напади од 7 октомври досега, а уште 26.000 се ранети.
„Сметам дека апсолутно не постои слобода на говор кога станува збор за Палестина. И мислам дека тоа е закана за човековите права во цела Европа“, рече Регев.
Таа истакна дека неуспехот да се спроведе прекин на огнот за да се запрат израелските смртоносни напади врз Појасот Газа е глобален срам, и истовремено упати критики кон земјите, како САД и Велика Британија, за доставувањето оружје на Израел со што ја продолжуваат кризата.
„Сакаме да пратиме порака до Палестинците воопшто и кон луѓето во Газа дека не ги забораваме, дури и кога нема интернет-конекција, кога тие целосно се изолирани“, рече Регев.
„Не забораваме дека им е потребно светот да ги погледне и да направи нешто против ова што се прави“, додаде таа.