Ikrame Imane Kouachi
12 Ноември 2023•Ажурирај: 13 Ноември 2023
ГРАДОТ ГАЗА (АА) - Израелската војска денес продолжи со интензивните напади врз Појасот Газа, 37-ми ден по ред, во кои животот го загубија лекари и многу цивили, а голем број се повредени, јавува Анадолу.
Има јавувања за жестоки судири во северниот дел на Беит Ханун, областа Абраџ ал-Авда и Беит Лахија, северно од градот Газа.
„Воени авиони ја бомбардираа куќата на семејството Ал-Нахала во центарот на градот Газа. Има загинати и ранети во нападот на областа Ал-Сахаба во населбата Ал-Дараџ во градот Газа“, објави каналот Ал-Акса.
Авиони ја бомбардирале и куќата на семејството Ал Бурш во Џабалија Ал Балад, при што има жртви.
„Едно дете загина, а четири се повредени во бомбардирањето на куќата на семејството Абу Шаб во градот Бани Сухеила, источно од Хан Јунис“, соопшти телевизијата.
Паралелно со артилериското гранатирање, израелски воени чамци истрелаа десетици гранати кон брегот на централниот дел на Појасот Газа, а бомби детонираа и источно од градот Рафа.
Синоќа, Програмата на Обединетите нации за развој (УНДП), која обезбедува засолниште на раселените во населбата Ал-Наср во градот Газа, беше бомбардирана од израелските сили, при што загинаа двајца Палестинци, а неколкумина беа повредени.
Израелски воени авиони ја бомбардираа и гинеколошката болница Махди во населбата Ал-Наср, при што загинаа двајца лекари, а ранети се поголем број раселени Палестинци засолнети во болницата.
Државната палестинска новинска агенција „Вафа“ објави дека девет лица загинале, а повеќемина се ранети во напад на израелските сили врз домот на семејството Ал-Аскари во подрачјето на Тал Ал-Затар, во северниот дел на Појасот Газа.
Извори од Медицинскиот комплекс Ал-Шифа за медиумите изјавија дека околу 80 тела лежеле на плоштадот Ал-Шифа.
Израел започна немилосрдни воздушни и копнени напади врз Појасот Газа, вклучително и врз болници, домови и места за богослужба, по прекуграничниот напад на палестинската група на отпорот, Хамас, на 7 октомври.
Во израелските напади досега загинаа најмалку 11.100 Палестинци, од кои 8.000 деца и жени.