Aness Suheil Barghoti
03 Октомври 2019•Ажурирај: 07 Октомври 2019
ЕРУСАЛЕМ (АА) - Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху и лидерот на десничарската партија „Израел, наш дом“, Авигдор Либерман, денеска не успеаја да постигнат консензус за формирање коалициска влада, јавува Anadolu Agency (AA).
Разговорите меѓу двајцата лидери завршија по едвај еден час, a на крајот на средбата, портпаролот на премиерот Нетанјаху истакна дека не е постигнат никаков напредок за време на разговорите.
Либерман, од своја страна, рече дека во однос на безбедносните и економските предизвици, вистинскиот пат е изнаоѓање заедничка основа помеѓу неговата партија „Израел, наш дом“, партијата Ликуд на Нетанјаху и коалицијата „Сино и бело“.
„Само во тој случај ќе разговараме за распределба на министерствата и за ротацијата на премиери“, рече Либерман.
Бидејќи претходните разговори меѓу Нетанјаху и неговиот ривал Бени Ганц, лидерот на коалицијата „Сино и бело“ не успеаја, во Израел се чини дека е сѐ поверојатен уште еден круг избори.
Според изборните резултати, Коалицијата на сино-белите освои 33 места во Кнесетот, по кои следува партијата Ликуд на Нетанјаху со освоени 32 места.
Парламентарните избори одржани на 17 септември беа втори по ред годинава, откако Нетанјаху не успеа да формира влада по априлските избори.