Esat Fırat,Mustafa Deveci
24 Јуни 2020•Ажурирај: 24 Јуни 2020
ЕРУСАЛИМ
Израелската полиција ги отстрани натписите на Турската агенција за координација и развој (ТИКА) од муслиманските гробишта во Источен Ерусалим, јавува Агенција Анадолија (АА).
Израелската полиција од ѕидовите на муслиманските гробишта „Јусуфија“ во близина на комплексот „Ал Акса“ ги отстрани таблите со натписи на ТИКА.
Станува збор за натписи на кои се наоѓа знамето на Република Турција, поставени на ѕидовите од гробиштата откако ТИКА го финансираше обновувањето со дозвола на Управата на вакуфи во Ерусалим и на израелската власт.
Мајк Росенфелд, портпаролот на израелската полиција, за АА изјави дека наредбата за отстранување на натписите на ТИКА вчера ја издала израелската Општина Ерусалим и дека израелската полиција го спровела тоа што било барано од неа.
Официјалните лица на Општина Ерусалим изјавија дека споменатите табли се демонтирани со објаснување дека се поставени без одобрение.
Сепак, Управата за вакуфи на Ерусалим е надлежна за управување со сите исламски објекти, вклучувајќи ги тука и гробиштата во Источен Ерусалим.
Таблите на ТИКА, што израелската полиција утрово ги отстрани, се наоѓаа на гробиштата од 2010 година.
Мустафа Абу Захра, претседателот на Одборот за зачувување на муслиманските гробишта во Ерусалим, изјави дека таблите, што израелската полиција ги отстранила и скршила, претставуваат израз на благодарност на палестинскиот народ кон Турција и нејзиниот народ.
Тој потсети дека ѕидовите и уредувањето на гробиштата се направени во 2008 година, напоменувајќи дека сите градежни работи се реализирани со претходна дозвола и знаење на израелската власт.
Абу Захра истакна дека отстранувањето на натписите претставува јасен обид за уништување и бришење на историјата.
„Ја осудуваме оваа постапка. Израел никогаш не може да ги избрише трагите на она што Турција го направи во Ерусалим“, рече Абу Захра.