Израел депортираше 171 активист од флотилата за Газа, меѓу кои и шведската активистка Грета Тунберг
Турскиот активист Ердин Челик за Анадолу исто така изјави дека израелските сили пред негови очи ја измачувале Грета и ја терале да ползи и да го бакне израелското знаме

ИСТАНБУЛ (АА) - Израел денес депортираше уште 171 активист, кои беа приведени на флотилата која сакаше да достави хуманитарна помош во Газа и да ја пробие израелската офанзива, јавува Анадолу.
Израелското Министерство за надворешни работи денес соопшти дека 171 активист од Глобалната флотила „Сумуд“, меѓу кои и шведската активистка Грета Тунберг, биле депортирани во Грција и Словачка.
Министерството соопшти дека депортираните активисти биле од Грција, Италија, Франција, Ирска, Шведска, Полска, Германија, Бугарија, Литванија, Австрија, Луксембург, Финска, Данска, Словачка, Швајцарија, Норвешка, Велика Британија, Србија и САД.
Според британскиот весник „Гардијан“, Тунберг за шведските власти изјавила дека ја држеле во ќелија полна со болви и дека не ѝ обезбедиле доволно храна и вода.
Турскиот активист Ердин Челик за Анадолу исто така изјави дека израелските сили пред негови очи ја измачувале Грета и ја терале да ползи и да го бакне израелското знаме.
Израел во текот на претходните денови депортираше околу 170 активисти од флотилата, повеќето во Истанбул, а помали групи беа пратени во Италија и Шпанија, според израелскиот правен центар Адала.
Израелските поморски сили ги нападнаа и запленија бродовите на Глобалната флотила „Сумуд“ во средата вечер и приведоа повеќе од 470 активисти од над 50 земји.
Флотилата се обидуваше да достави хуманитарна помош во Газа и да ја пробие израелската блокада на енклавата.
Израел ја одржува блокадата на Газа, дом на речиси 2,4 милиони луѓе, речиси 18 години.
Од октомври 2023 година, израелските бомбардирања убија повеќе од 67.000 Палестинци во енклавата, повеќето од нив жени и деца, и ја направија непогодна за живеење.
На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.