свет

Израел го емитува говорот на Нетанјаху од ОН во Газа преку разглас како дел од „психолошката војна“

Нетанјаху „во својот говор ќе го нагласи нападот на Хамас врз израелските воени бази од 7 октомври 2023 година, кој се смета за најголемо нарушување на безбедноста во историјата на Тел Авив“

Rania R.a. Abushamala  | 26.09.2025 - Обновена : 28.09.2025
Израел го емитува говорот на Нетанјаху од ОН во Газа преку разглас како дел од „психолошката војна“

ЕРУСАЛИМ / ИСТАНБУЛ (АА) - Како дел од тактиката на „психолошка војна“ против Палестинците, израелската армија го пушти обраќањето на премиерот Бенјамин Нетанјаху на Генералното собрание на Обединетите нации во опколениот Појас Газа преку звучници, објавија израелските медиуми, пренесува Анадолу.

„Јужната команда на армијата денес (петок) во Појасот Газа ќе го емитува говорот на премиерот во ОН преку звучници“, соопшти израелскиот радиодифузер КАН.

„Причината за овој чекор е нејасна“, додаде КАН, цитирајќи неименуван извор што рекол дека Нетанјаху „во својот говор ќе го нагласи нападот на Хамас врз израелските воени бази од 7 октомври 2023 година, кој се смета за најголемо нарушување на безбедноста во историјата на Тел Авив“.

Израелскиот Канал 12 објави: „Последниве денови Канцеларијата на премиерот побара од израелската армија да постави звучници на различни точки во Газа за да можат жителите (Палестинците) да го слушнат говорот на Нетанјаху во ОН.“

Каналот додаде дека Кабинетот на премиерот и армијата одбиле да коментираат за овој чекор.

Цитирајќи неименувани воени извори, се вели дека барањето од канцеларијата на Нетанјаху „би можело да претставува оперативен ризик за војниците што би морале да ги напуштат утврдените позиции за да ги инсталираат звучниците“.

Весникот „Хаарец“ цитираше висок армиски офицер кој изјавил дека станува збор за „лудa идеја без јасна воена корист“. Друг извор за весникот посочил дека мерката е дел од „психолошка војна“.

Говорот на Нетанјаху пред Генералното собрание на ОН во Њујорк е закажан за 16 часот по локално време во Израел и Палестина (1300 GMT).

Од октомври 2023 година кога Хамас изведе напад во кој беа убиени помалку од 1.200 лица, израелската армија уби повеќе од 65.500 Палестинци во Газа, најмногу жени и деца.

Постојаните бомбардирања и блокадата на хуманитарната помош ја направија енклавата речиси несоодветна за живеење, предизвикувајќи глад и ширење на болести.



На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.