Mohammad Sıo
23 Септември 2024•Ажурирај: 23 Септември 2024
БЕЈРУТ (АА) – Израелската армија денес започна интензивни воздушни напади врз Јужен Либан, што е најголемо бомбардирање од почетокот на непријателствата минатиот 8 октомври, јавува Анадолу.
Борбени авиони гаѓаа неколку области во Југозападен и Југоисточен Либан, при што загина најмалку едно лице, а 20 се повредени, јавуваат либанските медиуми.
Во воздушниот напад беше погодена локација во близина на Либанско-италијанската болница во Тир, Јужен Либан, јави репортерот на Анадолу од терен.
Во нападите е гаѓана и куќа во градот Џбал Ел Ботм, југоисточно од Тир, на периферијата на Зибкин по должината на реката Литани.
Напади се извршени и кон неколку други области, како Ваба, Џибчит, Шаркија, Ал-Намирие, периферијата на Кфар Тебнит, Набатије Ел Фаука и Деир Ел Захрани.
Гаѓани се и областите околу автопатот Кфар Румане-Мидне, периферијата на Јохмор Ал-Шакиф, Арнун, Џабал Ал-Туфах, Џабал Ал-Рихан и предградијата на Сеџуд.
Израелската армија потврди дека денес извршила над 150 воздушни напади врз цели во Либан.
Портпаролот на Армијата, Даниел Хагари, рече дека израелската армија може да врши напади врз голем број либански села лоцирани до 80 километри од границата.
„Во последните часови ги откривме плановите на Хезболах за напади врз израелските граѓани. Во блиска иднина ќе ги напаѓаме непријателските цели во Либан за да ја елиминираме оваа закана“, додаде тој на прес-конференција.
Тензиите меѓу Хезболах и Израел се зголемија по смртоносниот воздушен напад во петокот во јужното предградие на Бејрут, во кој загинаа најмалку 45 лица, меѓу кои деца и жени, а десетици беа повредени.
Хезболах потврди дека најмалку 16 негови припадници, вклучително и високиот лидер Ибрахим Акил и главниот командант Ахмед Вахби, се убиени во израелскиот напад.
Нападот се случи два дена откако најмалку 37 лица загинаа, а над 3.000 беа повредени во два брана експлозии на уреди за безжична комуникација низ Либан.
Додека либанската Влада и Хезболах го обвинуваат Израел за експлозиите, Тел Авив ниту ја демантираше ниту ја потврди својата инволвираност.
Хезболах и Израел разменуваат прекуграничен оган од почетокот на израелската војна во Газа на 7 октомври минатата година, во која загинаа над 41.400 луѓе, главно, жени и деца.