свет

Израел бара алтернативни патишта за добивање оружје за нападите врз Газа

Израелски медиум објави дека некои земји веќе го прекинале снабдувањето со муниција за Израел како дел од својата политика на „тивок бојкот“

Mohammad Sıo  | 25.03.2024 - Обновена : 29.03.2024
Израел бара алтернативни патишта за добивање оружје за нападите врз Газа

КУДС (АА) - Израел истражува алтернативни патишта за набавка на оружје за да продолжи со својата тековна офанзива во Појасот Газа, објави израелскиот јавен сервис во услови на тензии со Соединетите Американски Држави (САД) околу започнувањето на воената операција во градот Рафах во јужниот дел на Газа, пренесува Анадолу.

Медиумот не ги прецизираше алтернативните маршрути што Израел ќе ги искористи за да го добие потребното оружје.

Сепак, цитираше неименуван безбедносен претставник дека тензиите со САД во врска со операцијата во Рафа и хуманитарната криза во Појасот Газа ќе имаат влијание врз подготвеноста на Вашингтон да продолжи да му помага на Израел со исто темпо.

САД, најголемиот поддржувач на Израел, неодамна излегоа со различен став од Тел Авив околу опасноста од започнувањето воена операција во густо населениот палестински град Рафа.

Во врска со тоа, израелскиот медиум објави дека некои земји веќе го прекинале снабдувањето со муниција за Израел како дел од својата политика на „тивок бојкот“.

На 20 март Канада објави забрана за продажба на оружје на Израел.

И покрај меѓународниот гнев поради страшната ситуација во палестинската енклава, израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху долго време ја искажува својата намера да го нападне Рафа, најјужното гратче во Газа и едно од последните места поштедени од копнена инвазија.

Израел започна воена офанзива во Газа по прекуграничниот напад на палестинската група на отпорот Хамас.

Во израелските напади што започнаа оттогаш загинати се над 32.200 Палестинци, а над 74.500 се повредени.

Според Обединетите нации, израелската војна принуди 85 отсто од населението на Газа на внатрешно раселување, предизвика акутен недостиг на храна, чиста вода и лекови, додека 60 отсто од инфраструктурата на енклавата се оштетени или уништени.

Израел е обвинет за геноцид пред Меѓународниот суд на правдата. Привремената пресуда во јануари му нареди на Тел Авив да ги запре геноцидните дејства и да преземе мерки за гарантирање хуманитарната помош да стигне до цивилите во Газа.

На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.