свет

Израел води „психолошка војна“ за да ги натера жителите да ја напуштат Газа

- Израел ги засили операциите што официјални лица и аналитичари ги опишуваат како кампања на психолошка војна во градот Газа, со цел да ги исплаши Палестинците и да ги натера да се преселат кон југ додека продолжува интензивното бомбардирање

Tarek Chouiref  | 16.09.2025 - Обновена : 16.09.2025
Израел води „психолошка војна“ за да ги натера жителите да ја напуштат Газа

ЕРУСАЛИМ/ИСТАНБУЛ (АА) - Израел ги засили операциите што официјални лица и аналитичари ги опишуваат како кампања на психолошка војна во градот Газа, со цел да ги исплаши Палестинците и да ги натера да се преселат кон југ додека продолжува интензивното бомбардирање, јавува Анадолу.

Од почетокот на офанзивата на 11 август израелската армија бомбардира високи згради, домови и засолништа, истовремено ширејќи пораки дека во јужниот дел на енклавата ги чекаат шатори, храна и медицинска грижа за раселените семејства.

И покрај пропагандата, поголем дел од околу еден милион жители на градот Газа останаа во своите домови, а израелските медиуми проценуваат дека досега избегале само околу 350.000 луѓе.

Денес весникот „Маарив“ објави дека користењето осветлувачки ракети во текот на ноќта имало цел да предизвика паника кај жителите и конфузија во редовите на Хамас.

„Искуството од минатото во Џабалија покажува дека откако жителите ќе ги видат тенковите, бегааат за да си го спасат животот“, објави весникот, цитирајќи извор од безбедносните сили.

Телевизијата Канал 12 јави дека безбедносните власти сметаат оти сегашното ниво на раселување е доволно за почеток на копнена офанзива, а новинскиот сајт „Вала“ извести за „разочарување“ во израелската армија поради тоа што многу помалку жители ја напуштиле Газа отколку што било очекувано.

Овие извештаи пристигнуваат по една од најсмртоносните ноќи во градот, кога 35 Палестинци беа убиени во жестоко бомбардирање. Очевидци тврдат дека израелските сили користеле и роботи наполнети со експлозив за да уриваат домови.

„Вала“ додаде дека во една единствена ноќ околу 20.000 жители пешки ја напуштиле Газа, но околу 650.000 сè уште остануваат во градот.

Психолошките операции се одвиваат паралелно со поширокиот план што Владата на премиерот Бенјамин Нетанјаху го одобри на 8 август за постепена реокупација на Појасот Газа, почнувајќи од градот Газа.

Оттогаш офанзивата се прошири од областа Зејтун кон други населби, оставајќи зад себе огромна разурнатост.

Според Канцеларијата за медиуми на властите во Газа, од почетокот на нападите се уништени или сериозно оштетени над 3.600 објекти и кули во градот Газа, како и 13.000 шатори во кои престојувале раселени семејства.

Од октомври 2023 година израелската армија уби речиси 65.000 Палестинци во Газа, повеќето жени и деца. Непрекинатото бомбардирање ја направи енклавата непогодна за живот и предизвика ширење на глад и болести.

На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.
Поврзани теми
Bu haberi paylaşın