Ahmed Gouda,Hamdi Yıldız
19 Октомври 2023•Ажурирај: 20 Октомври 2023
ГАЗА (АА) - Израелските воени авиони бомбардираа различни делови на Појасот Газа, меѓу кои и училиште кое ѝ припаѓа на Агенцијата на ОН за палестински бегалци (УНРВА), каде што беа засолнети луѓето кои ги напуштија своите домови, известува Анадолу.
Според веста што ја објави палестинската официјална новинска агенција ВАФА, Израел бомбардирал едно од училиштата кои ѝ припаѓаат на УНРВА во бегалскиот камп Кан Јунис во јужниот дел на Појасот Газа.
Во нападот на училиштето на УНРВА, во кое беа засолнети лицата кои ги напуштија своите домови, има загинати и ранети.
Израелските воени авиони ја бомбардираа и куќата во близина на училиштето „Ахмед Абдулазиз“, каде што беа засолнети луѓето кои ги напуштија своите домови во подрачјето на Кан Јунис. И во овој напад има загинати и ранети.
ВАФА објави дека најмалку 9 лица, вклучувајќи и 7 деца, загинале во израелскиот воздушен напад на куќата од семејството Ал Бакри на југот на Кан Јунис. Во веста се наведува дека сѐ уште има луѓе под урнатините на куќата што се урна во бомбардирањето.
Ашраф ал-Кудра, портпаролот на палестинското Министерство за здравство во Газа, објави дека во израелските воздушни напади на Кан Јунис и Рафах има загинати, главно жени и деца.
Според зборовите на очевидците, во подрачјето каде што се случи нападот во Рафах, загинале 20 лица во две куќи бомбардирани од Израел.
Во израелскиот воздушен напад на бегалскиот камп Нусајрат во Газа загина бебе, а има и ранети.
13 Палестинци загинаа, а 15 се ранети, главно деца и жени, во бомбардирањето на куќа од страна на израелските воени авиони во регионот Џебалија во Газа.
Газа доживува тешка хуманитарна криза. Подрачјето е без струја, а водата, храната, горивото и медицинските материјали се при крај.
Борбите почнаа кога Хамас на 7 октомври започна повеќекратни изненадувачки напади кои вклучуваа и ракетни напади и упади во Израел преку копно, море и воздух. Хамас порача дека упадот бил одмазда на претходните упади во џамијата „Ал Акса“ и растот на насилството од страна на еврејските доселеници.
Израелската војска како одговор започна операција против Хамас на подрачјето на Појасот Газа.
Бројката на загинати во израелските напади од 7 октомври во Појасот Газа е зголемена на 3.478, а повеќе од 12.000 се повредени.