Şenhan Bolelli
31 Јануари 2022•Ажурирај: 01 Февруари 2022
МАДРИД (АА) - Владејачката Социјалистичка партија (ПС) во Португалија победи на предвремените парламентарни избори во неделата, според излезните анкети, јавува Агенција Анадолија (АА).
Според првичните проекции на португалскиот радиодифузер РТП, Социјалистичката партија, предводена од премиерот Антонио Коста, освои меѓу 102-116 места во 230-члениот Парламент со 37-42 отсто од гласовите во споредба со меѓу 27-35 отсто за централно-десничарската опозициска Социјалдемократска партија (ПСД).
Социјалистичката партија победи со мала разлика во споредба со изборите во 2019 година, но бидејќи не се очекува да обезбеди целосно мнозинство во Парламентот, треба да најде поддршка од другите партии.
Зголемувајќи ги гласовите како што се очекуваше, екстремно десничарската партија Чега (Доста) би можела да стане трета по големина партија со 5-8 отсто од гласовите.
Португалците го дадоа својот глас по 17-ти пат во историјата на демократијата по „Револуцијата на каранфилите“, со која беше ставен крај на диктатурата на 25 април 1974 година.
Од 21 политичка партија кои учествуваа на изборите за избор на 230 пратеници во Парламентот, девет партии се очекуваше да ги освојат мнозинството места.
Сегашната распределба на местата во Парламентот е: Социјалистичка партија (ПС) 108 места (36,34 отсто), Социјалдемократска партија 79 места (27,76 отсто), Левичарскиот блок 19 места (9,52 отсто), Комунистичката партија и Алијансата на Зелените Унитарната демократска коалиција 12 (6,33 отсто), Социјалдемократски центар 5 (4,22 отсто), Луѓе, животни и природа 4 (3,32 отсто), Чега 1 (1,29 отсто), Либерална иницијатива 1 (1,29 отсто) и Ливре 1 место(1,09 отсто).
Социјалистичката партија, која е на власт од ноември 2015 година, не можеше да го изгласа буџетот за 2022 година во Парламентот бидејќи не можеше да ги убеди левичарските и комунистичките партии кои ја поддржуваа малцинската Влада однадвор.
- Мала излезност -
Одзивот на гласачите се очекуваше да биде низок поради пандемијата на коронавирусот. Речиси 1 милион луѓе, што е еквивалентно на 10 отсто од населението во земјата, се во домашен карантин поради Ковид-19.
Излезноста изнесуваше 48,57 отсто на последните избори одржани во 2019 година, која падна на 40 отсто на претседателските избори во јануари 2021 година. Португалските медиуми оценуваат дека оваа стапка е во опасност дополнително да опадне.
Околу 300.000 луѓе, вклучително и премиерот, веќе гласаа на гласачките места поставени на 23 јануари во некои големи градови како Лисабон и Порто.
Регистрирани се вкупно 10,8 милиони гласачи.
60-годишниот Коста, кој беше премиер шест години, ќе влезе во историјата како премиер со најдолг стаж во земјата од „Револуцијата на каранфилите“.
Руи Рио (64), поранешен градоначалник на Порто, ја води Социјалдемократската партија од 2018 година и сака да ја доведе својата партија на власт.