Emre Aytekin
17 Декември 2020•Ажурирај: 17 Декември 2020
АНКАРА
Јужноазиската колективна мрежа за човекови права, во својот годишен извештај под наслов „Состојбата на малцинствата во Јужна Азија“, наведува дека хинду-националистичката мнозинска политика спроведена од Народната партија на Индија (BJP), предводена од премиерот Нерандра Моди, го зголеми притисокот врз муслиманите во земјата, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Во извештајот се посочува дека Националниот регистар на државјанства подготвен од Федералната влада минатата година, ризикува милиони муслимани да останат без државјанство.
Од друга страна, со новодонесениот Закон за државјанство се отвора патот имигрантите од Авганистан, Пакистан и Бангладеш, да се стекнат со државјанство, а муслиманите се оставаат надвор, со што се покажува дискриминирачки став.
Исто така, во извештајот се наведува дека бранителите на човековите брава во земјата постојано се загрозени.
„Во Индија членови на цивилните организации, адвокати за човекови права, демонстранти, академици, новинари и либерални интелектуалци, всушност, секој што се противи на ексцесите и мнозинството на Владата постојано се под напади“, се нагласува во извештајот.
Меѓу другото, во извештајот се нагласува дека Законот за регулирање на странската поддршка се користи како оружје против организациите за човекови права кои добиваат донации и поддршка од странски организации.
Експертите забележуваат дека исламофобијата се зголемува во индиското општество, и како пример го наведуваат антимуслиманското незадоволство кое се појави за време на протестите против Законот за државјанство во февруари.