İlayda Çakırtekin
16 Декември 2025•Ажурирај: 17 Декември 2025
ИСТАНБУЛ (AA) – Европската комисија планира да започне нов пакет мерки насочени кон справување со станбената криза низ Европската Унија, објави денес ирскиот јавен сервис РТЕ, пренесува Анадолу.
Нацрт-предлозите, во кои РТЕ имал увид, предвидуваат олеснување на фискалните правила на ЕУ со цел да се овозможи зголемена јавна потрошувачка за достапно домување, како и адресирање на влијанието на краткорочните изнајмувања врз станбениот пазар.
Според наводите, европските официјални претставници проценуваат дека на годишно ниво се потребни околу 650.000 нови станбени единици за да се надмине јазот во понудата, создаден како резултат на растечките трошоци за градежништво и нарушувањата во синџирите на снабдување.
Предлог-мерките, исто така, имаат за цел да ги намалат административните оптоварувања во градежниот сектор и да овозможат поевтини и полесно достапни суровини.
Според извештајот на Европскиот совет, објавен на почетокот на декември, еден од десет Европејци не е во можност навреме да ги подмирува трошоците за кирија или станбен кредит, додека цените на домувањето во Унијата во просек пораснале и до 60 отсто од 2015 година наваму.