Ekipa
19 Ноември 2017•Ажурирај: 19 Ноември 2017
ХАРАРЕ (АА) - Долгогодишниот претседател на Зимбабве, Роберт Мугабе, денес би требало да разговара за своето повлекување од таа функција и од позицијата командант на војската, којашто го стави во домашен притвор, додека политичката партија на Мугабе се подготвува да го смени својот лидер и најстар шеф на една држава во светот, пренесува Anadolu Agency (АА).
Еден ден по протестите, на кои се собраа голем број граѓани во главниот град Хараре кои бараа од 93-годишниот Мугабе да се повлече од должноста, Централниот комитет на неговата партија одржа седница на која е разговарано за барањето на покраинските ограноци на партијата за негово отповикување. Се очекува и Централниот комитет da го врати потпретседателот чие отпуштање пред речиси две недели ја наведе војската на таков чекор, и дека ќе ја смени непопуларната прва дама на Зимбабве од челното место на женската лига.
Се очекува поранешниот потпретседател Емерсон Мнангагва да биде поставен на чело на новата влада. Да не дојдеше до интервенција на војската, првата дама Грејс Мугабе, најверојатно би дошла на позицијата потпретседател што ќе ѝ овозможи да го наследи својот сопруг, Роберт Мугабе.
Отповикувањето на претседателот е една од темите за кои ќе се расправа на седницата во вторник.
Иносент Гонесе од партијата МДЦ-Т рече дека со владејачката партија ЗАНУ-ПФ разговараат за заеднички настап.
„Ако Мугабе не се повлече до вторник, тогаш сигурно ќе биде започната процедура на отповикување“, рече Гонесе.
Разговорот на Мугабе со командантот на војската ќе биде вториот круг од преговорите за негово повлекување, додека војската на сите начини се обидува да го избегне обвинението дека извршила воен удар.
Сѐ уште нема детали за овие преговори во јавноста, но, наводно, армијата го фаворизира доброволното отстапување на Мугабе од местото претседател, со цел да ја осигура законитоста на постапките за политичка транзиција.
Мугабе, пак, би можел да искористи какво било влијание со цел да го сочува своето наследство како еден од челниците на африканското ослободително движење и да се заштити себеси и своето семејство од можен прогон.
Следниот месец владејачката партија би требало да одржи конгрес, додека за следната година се предвидени избори.
Во денешните преговори не би требало да учествува делегацијата од Јужноафриканската Република којашто учествуваше во првиот круг од преговорите. Претседателот на таа земја вчера истакна дека преговорите се наоѓаат на почеток. Во вторник во Ангола ќе се одржи самит на четирите земји од јужна Африка, на којшто ќе биде разгледана ситуацијата во Зимбабве.
На улиците на Хараре во текот на вчерашниот ден се собраа поголем дел од 1,6 милиони жители на главниот град на Зимбабве, во знак на протест против Мугабе, кој е на власт во таа земја од 1980 година.