Ekipa
19 Ноември 2017•Ажурирај: 20 Ноември 2017
ХАРАРЕ (АА) - Централниот комитет на владејачката партија во Зимбабве го смени Роберт Мугабе од позицијата лидер на оваа партија, и му одреди рок до утре напладне да поднесе оставка од функцијата претседател на државата, а доколку тоа не го направи во вторник во парламентот ќе биде започната процедура за негово отповикување, пренесува Anadolu Agency (АА).
Седницата на раководството на владејачката партија се одржа еден ден по големите мирни протест во Хараре, главниот град на Зимбабве, на коишто беше побарано од 93-годишниот претседател на земјата да се повлече од функцијата. Претседавачот со состанокот на раководството на партијата, Оберт Мпофу, говорејќи за Мугабе, го нарече „претседател во заминување“ и рече дека ова е тажен ден за Мугабе, кој беше на власт 37 години.
„Беше наш лидер долго време и сите многу научивме од него (Мугабе)“, рече Мпофу. Но, Мугабе, според него се окружил со зло што го доведло до крајот неговото владеење.
На состанокот, Мугабе е разрешен од функцијата претседател на партијата, а потпретседателот чие разрешување пред две недели доведе до вмешувањето на војската, беше назначен на позицијата претседател на партијата. Од местото шеф на женската лига на партијата е отповикана сопругата на Мугабе, Грејс.
Поранешниот потпретседател на партијата, Емерсон Мнангагва, би требало да биде именуван на чело на владата на Зимбабве.
Наводно, пред да се замеша војската било планирано првата дама Грејс Мугабе да ја преземе позицијата потпретседател на партијата наместо Мнангагва, со што ќе си овозможи еден ден да го наследи својот сопруг, Роберт Мугабе.
Одлуките на Централниот комитет на партијата ќе бидат формализирани на конгресот следниот месец.
Отповикувањето на претседателот е следниот чекор којшто треба да го преземе парламентот во вторник.
Иносент Гонесе од партијата МДЦ-Т рече дека со владејачката партија ЗАНУ-ПФ разговараат за заеднички настап.
„Ако Мугабе не се повлече до вторник, тогаш сигурно ќе биде започната процедура за отповикување“, рече Гонесе.
Владејачката партија, исто така, го исклучи членството на неколку високи членови блиски до Грејс Мугабе, вклучувајќи го и министерот за образование, финансии, лица од локалните власти, министерот за надворешни работи и други.