Zuhal Demirci
12 Декември 2021•Ажурирај: 13 Декември 2021
ЛОНДОН (АА) – Шефовите на дипломатиите на земјите членки на групата Г7 ја предупредија Русија на тешки последици доколку ја нападне соседна Украина, јавува Агенција Анадолија (AA).
На Советот на министри на Г7 во Ливерпул, Велика Британија, претставниците на седумте економски најсилни држави порачаа дека се обединети во осудата на руското трупање сили на границата со Украина и го повикаа рускиот претседател Владимир Путин на смирување на ситуацијата.
Украина е во средиштето на кризата во односите на Истокот и Западот, а Русија е обвинета дека донела десетици илјади војници на границата, кои се подготвуваат за можна воена офанзива од големи размери. Русија ги отфрла овие тврдења.
Шефицата на британската дипломатија Лиз Трус изјави дека на состанокот со колегите од Франција, Италија, Јапонија, Канада и САД разговарале за низа теми, меѓу кои и за прашањето на односите со Иран и Кина, како и за украинската криза.
„Испративме јасна порака. И Велика Британија е подготвена да воведе и економски санкции за да се испрати уште појасна порака и да се оствари целта. Сите опции се на маса“, истакна Трус.
Исто така, рече дека на Иран нема да му биде дозволено да развие нуклеарно оружје и дека актуелните преговори за меѓународниот договор за нуклеарната програма се последна шанса за Иран.
„На состанокот разговаравме и за односите со Кина и ставивме до знаење дека сме загрижени поради економската политика на Кина. Она што сакаме да го направиме е да изградиме инвестиции и пристап до економската трговија за демократиите кои размислуваат слично и ја сакаат слободата“, рече Трус.