Ahmet Gençtürk
14 Април 2022•Ажурирај: 15 Април 2022
АНКАРА (АА) - Претседателот на Украина, Владимир Зеленски, ја повика Европската Унија „да престане да ја спонзорира руската воена машинерија“, објавија локалните медиуми, пренесува Агенција Анадолија (АА).
„Пред сè, ни треба ембарго на нафта и јасна подготвеност на Европа [да се откаже] од сите руски енергетски извори“, рече Зеленски во видеопорака, пренесе државната новинска агенција „Укринформ“.
Тој, исто така, предупреди дека руските сили продолжуваат да ги концентрираат своите активности во источните и јужните правци и прават напори да ги мобилизираат жителите на источните отцепени региони Доњецк и Луганск.
„Извештаите за борбите денеска не се разликуваат значително од претходните. Руските трупи ја засилуваат активноста во источниот и јужниот правец. Тие се обидуваат да се одмаздат за нивните порази. Продолжуваат ракетните бомбардирања и артилериските напади. Донесени се нови колони опрема. Бараат резерви. Тие се обидуваат да регрутираат жители на југот на нашата земја -- односно од овие привремено окупирани области, покрај таканаречената мобилизација во одредени области на регионите Доњецк и Луганск“, рече Зеленски.
Најмалку 1.932 цивили загинаа и 2.589 повредени во Украина откако Русија ја започна војната против својот сосед на 24 февруари, според проценките на ОН, а се стравува дека вистинската бројка е многу поголема.
„Повеќе од 4,6 милиони Украинци побегнаа во други земји, а над 7 милиони се внатрешно раселени“, соопшти Агенцијата за бегалци на ОН.