Burç Eruygur
25 Септември 2024•Ажурирај: 26 Септември 2024
ИСТАНБУЛ (АА) - Украинскиот претседател Владимир Зеленски денес ја обвини Русија дека планира напади врз постројките за нуклеарна енергија во Украина, известува Анадолу.
„Неодамна добив уште еден алармантен извештај од нашата разузнавачка служба. Се чини дека сега (рускиот претседател Владимир) Путин планира напади врз нашите нуклеарни централи и нивната инфраструктура, со цел да ги исклучи електраните од мрежата“, рече Зеленски во своето обраќање на 79. заседание на ОН во Њујорк.
Тој ја обвини Русија и дека користи сателити од други земји за собирање детални информации, велејќи дека секој напад со дрон или ракетен напад врз енергетскиот систем на Украина може да доведе до нуклеарна катастрофа.
„Таков ден никогаш не смее да дојде. Москва треба да го сфати тоа, а тоа делумно зависи и од вашата решеност да извршите притисок врз агресорот (Русија)“, рече Зеленски, додавајќи дека нуклеарните централи мора да бидат безбедни.
Во вторникот Зеленски за време на говорот во Советот за безбедност на ОН рече дека Русија се подготвува да гаѓа три нуклеарни централи.
Потоа ја обвини Москва дека користи кинески сателити за фотографирање на украинските нуклеарни постројки.
Ниту руските ниту кинеските власти сè уште не ги коментирале тврдењата на Зеленски.