Emre Gürkan Abay
22 Август 2019•Ажурирај: 23 Август 2019
МОСКВА (АА) - Украинскиот претседател, Владимир Зеленски, истакна дека ништо не се сменило од исклучувањето на Русија од Г8, и нагласи дека нејзиното враќање во групата ќе биде можно само по враќање на окупираниот Крим, пренесува Anadolu Agency (AA).
„Враќањето на окупираниот Крим и запирањето на конфликтите во Донбас ќе бидат знак дека Русија може да се врати на важната позиција во глобалната дипломатија.“
Зеленски преку Твитер ја искоментира изјавата на американскиот претседател, Доналд Трамп, Русија повторно да биде вратена во Г7 и групата да стане Г8.
Истакнувајќи дека украинската територија на Крим сè уште е окупирана, Зеленски рече: „Регионот Донбас во Украина сè уште страда од тековната војна. Ништо не е сменето откако Русија беше исклучена од Г8 во март.“
Зеленски пишува дека постојат чекори кои Русија треба да ги направи на меѓународно ниво.
„Враќање на окупираниот Крим и запирање на конфликтите во Донбас, ослободување на повеќе од 100 политички затвореници и украински морнари би биле знак дека Русија може да се врати на својата важна позиција во глобалната дипломатија“, нагласи Зеленски.
Тој им се заблагодари на земјите кои постојано го поддржуваа територијалниот интегритет и независност на Украина.
Францускиот претседател, Емануел Макрон, на средбата со рускиот претседател, Владимир Путин, во понеделникот изјави дека Русија би можела да се врати во Г8 доколку се решат одредени проблеми.
Американскиот претседател Трамп, истакнувајќи дека би било соодветно Русија да се врати во групата Г7, рече: „Мислам дека би било посоодветно и Русија да биде во оваа група (Г7).“
Групата Г7 е составена од САД, Германија, Велика Британија, Јапонија, Франција, Канада и Италија. Г7 е исто така позната како група од 7 држави со најдобри економии во светот. Групата од 1998 до 2014 година била позната како Г8, во која членки биле 8 земји. Како резултат на анексијата на Крим во 2014 година, Русија е исклучена од групата.