Seda Sevencan
11 Април 2022•Ажурирај: 12 Април 2022
ИСТАНБУЛ (АА) - Украинскиот претседател, Владимир Зеленски изјави дека Русија се плаши да признае дека нејзината децениска политика кон Украина е погрешна, јавува Агенција Анадолија (АА).
„Тие се плашат да признаат дека целата руска политика кон Украина е погрешна со децении и само уништи сè што Русија имаше во односите со Украина од претходните времиња“, рече Зеленски во видеообраќање.
Посочувајќи дека Москва се обидува да го обвини Киев за сопствената агресија, Зеленски потсети дека Крим е незаконски анектиран од страна на Русија.
Зеленски, исто така, рече дека Русија го уништила нормалниот живот во Донбас.
„Тие осум години убиваат луѓе и деца на нашата земја -- и, наводно, виновни сме ние. Тие го уништија најмоќниот индустриски регион во Источна Европа -- и, наводно, виновни сме ние. Тие ги уништија животите на милиони луѓе -- и, наводно, виновни сме ние. Тие започнаа целосна војна против нас -- и, наводно, виновни сме ние“, рече украинскиот претседател.
„Сето тоа дојде од кукавичлук. Кога кукавичлукот расте, се претвора во катастрофа. Кога на луѓето им недостасува храброст да ги признаат своите грешки, да се извинат, да се прилагодат на реалноста, да учат, тие се претвораат во чудовишта. И кога светот го игнорира тоа, чудовиштата одлучуваат дека светот е тој што треба да се прилагоди на нив. Украина ќе го запре сето ова“, порача Зеленски.
Војната на Русија против Украина, која започна на 24 февруари, наиде на меѓународен гнев, а Европската унија, САД и Велика Британија, меѓу останатите, имплементираа строги економски казни кон Москва.
Најмалку 1.793 цивили загинаа во Украина, а 2.439 се повредени, според проценките на Обединетите нации (ОН), од каде велат дека вистинската бројка веројатно е многу поголема.
Над 4,5 милиони Украинци пребегале во неколку европски земји, а уште милиони се раселени во земјата, според Агенцијата за бегалци на ОН.