Ekipa
06 Јуни 2022•Ажурирај: 07 Јуни 2022
КИЕВ (АА) - Украинскиот претседател Владимир Зеленски во обраќањето до нацијата синоќа изјави дека мора да живеат за децата, за кои рече дека се вистински херои во тековната војна, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Тој ги даде коментарите по посетата на регионите Запорожје, Донецк и Луганск во текот на викендот.
Зеленски имаше средби со шефот на регионалната државна управа, раководството на локалната полиција, Службата за безбедност и некои градоначалници на привремено окупираните градови.
„Условите, видов, се привремени, но не и лоши. Ги разбрав нивните тешки прашања. Мислам дека ќе ги решиме“, рече тој.
Претседателот се сретна и со жителите на Мариупол кои успеале да го напуштат градот со своите деца.
„Секое семејство има своја приказна. Повеќето беа без мажи. Нечиј сопруг отишол во војна, нечиј е во заробеништво, нечиј, за жал, починал. Трагедија. Нема дом, нема близок. Но, мора да живееме за децата. Вистински херои – тие се меѓу нас“.
Од почетокот на руските напади во Украина на 24 февруари, според проценките на ОН, најмалку 4.149 цивили загинале, а 4.945 се повредени, а се смета дека вистинскиот биланс е многу поголем.
Едно од секои шест лица е внатрешно раселено поради војната, што е вкупно 7,7 милиони, соопшти Меѓународната организација за миграции на ОН.
Над 6,8 милиони луѓе пребегале во други земји, соопшти Агенцијата за бегалци на ОН.