Burak Bir
06 Јуни 2022•Ажурирај: 07 Јуни 2022
АНКАРА (АА) - Поради војната против Украина, Русија е „директно одговорна“ за недостигот во меѓународната трговија со жито, истакна високиот претставник на Европската унија за надворешна политика и безбедност, Жозеп Борел, пренесува Агенција Анадолија (АА).
„Тековната руска блокада на украинските пристаништа го спречува извозот на тони житарки, како што се пченка и пченица, кои во моментот се заглавени во Украина, една од главните светски произведувачи“, наведе Борел на Твитер.
Тој истакна дека санкциите на ЕУ се насочени кон капацитетот на Русија да ја продолжи војната, а не кон пченката, додавајќи дека земјоделските производи и нивниот транспорт биле „експлицитно исклучени“ од санкциите.
„Русија е директно одговорна за сиот недостиг во меѓународната трговија со жито и наместо да ја прекине својата агресија, таа активно настојува одговорноста да ја префрли на меѓународните санкции. Ова е дезинформација“, додаде Борел.
Борел истакна дека Блокот ќе продолжи да покажува солидарност со земјите во решавањето на последиците од војната.
Рускиот претседател Владимир Путин „треба да стави крај на војната против Украина. Територијалниот интегритет на Украина мора да биде вратен“, истакна Борел и додаде дека тоа е во интерес на целиот свет.
Според проценките на ОН, најмалку 4.183 цивили загинале, а 5.014 се ранети во Украина од почетокот на војната со Русија, со стравувања дека вистинската бројка е многу поголема.
Повеќе од 6,9 милиони луѓе пребегаа во други земји, додека 7,7 милиони се внатрешно раселени.