Hakan Çopur
16 Март 2022•Ажурирај: 16 Март 2022
ВАШИНГТОН (АА) - Во обраќањето пред членовите на американскиот Конгрес, претседателот на Украина, Владимир Зеленски, побара поддршка од Соединетите Американски Држави (САД) за воспоставување зона на забранети летови над Украина и системи за противвоздушна одбрана како што се С -300, јавува Агенција Анадолија (АА).
Претседателот на Украина, Зеленски, преку видеоконференциска врска се обрати пред американскиот Конгрес, при што се осврна на најновата ситуација со војната и ги изнесе неговите барања во однос на одбраната.
Зеленски, кој доби аплауз од членовите на Конгресот на почетокот и на крајот на говорот, истакна дека неговата земја минува низ најтешкиот период во својата историја.
Исто така, нагласи дека им е потребна поддршка од целиот слободен свет, а особено од администрацијата на САД поради руските напади.
„Во овој момент се одредува судбината на нашата земја, дали нашите граѓани ќе бидат слободни и дали ќе можеме да ја зачуваме демократијата“, додаде Зеленски, и рече дека на војната што се води не треба да се гледа како на војна само за Украина, туку за сите општества кои веруваат во демократските вредности.
Потсетувајќи ги членовите на Конгресот за нападите на Перл Харбор и нападите од 11 септември, Зеленски истакна дека во тие напади не се нападнати само Американците, туку и американските вредности.
Според Зеленски, во моментов истото ѝ се случува и на Украина.
- „Дали е премногу барањето за зона на забранети летови?“
Истакнувајќи дека Русија лансирала илјадници проектили врз неговата земја, Зеленски рече дека Русија предизвикала терор во Украина каков што Европа го нема видено од Втората светска војна.
„Дали е премногу да се бара забранета зона за летови над Украина за да се спасат животите на луѓето? Дали е премногу да се бара хуманитарна зона забранета за летови, за Русија да не ја тероризира нашата земја? Ако мислите дека е премногу, ви нудиме алтернатива, велиме дека ни требаат С-300 или слични одбранбени системи“, додаде Зеленски.
Украинскиот претседател, наведувајќи дека ова се најмрачните времиња за Украина, рече дека е неопходно [Западот] да продолжи со новите пакети санкции, додека не се запре Руската армија.