Зеленски во посета на Берлин за видеоконференција со американскиот претседател Трамп и европските лидери
Видеоконференцијата, закажана за 15 часот по локално време, има за цел да воспостави заеднички ставови меѓу западните сојузници пред планираниот самит на Трамп со рускиот претседател Путин

БЕРЛИН (АА) - Украинскиот претседател Владимир Зеленски пристигнa во Берлин за да учествува на видеоконференција со американскиот претседател Доналд Трамп и европските лидери, според германски извори, јавува Анадолу.
По средбата со германскиот канцелар Фридрих Мерц, Зеленски ќе му се придружи во Федералната канцеларија на клучната видеоконференција со Трамп, според германскиот јавен радиодифузен сервис АРД, кој се повикува на владини претставници.
Видеоконференцијата, закажана за 15 часот по локално време, има за цел да воспостави заеднички ставови меѓу западните сојузници пред планираниот самит на Трамп со рускиот претседател Владимир Путин во американската држава Алјаска в петок.
Европските и украинските претставници планираат да побараат цврсти гаранции од Трамп дека за време на самитот нема да бидат постигнати никакви договори во врска со војната во Украина без експлицитна согласност од Киев.
На состанокот ќе учествуваат шефовите на држави и влади од клучните поддржувачи на Украина - Франција, Велика Британија, Италија, Полска и Финска - заедно со претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, претседателот на Европскиот совет, Антонио Коста, и генералниот секретар на НАТО, Марк Руте.
На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.