свет

Здружението на Германските вооружени сили бара масовно зголемување на бројот на војници

„Бундесверот (германската Армија) мора дефинитивно да биде поголем од првично планираните 203.300 војници за 2025 година пред пандемијата“

Oliver Towfigh Nia  | 30.05.2025 - Обновена : 31.05.2025
Здружението на Германските вооружени сили бара масовно зголемување на бројот на војници

БЕРЛИН (АА) - Германија ќе мора да го зголеми бројот на војници за дури 45 отсто за да ги исполни барањата на НАТО и да одговори на заканата од Русија, предупреди претседателот на Здружението на Германските вооружени сили, полковник Андре Вестнер, пренесува Анадолу.

Во изјава за редакциската мрежа РНД, Вестнер рече дека бројот на војници треба да се зголеми од сегашните 180.000 на 260.000 за да се одговори на новите безбедносни предизвици и целите на НАТО.

„Бундесверот (германската Армија) мора дефинитивно да биде поголем од првично планираните 203.300 војници за 2025 година пред пандемијата“, истакна тој.

Според него, идната целосна бројка ќе зависи од тоа како ќе се дефинираат капацитетските цели на НАТО и колкава ќе биде способноста на Германија да го понесе тој товар.

„Сметам дека, во зависност од заклучоците од претстојниот НАТО-самит, ќе бидат потребни дополнителни 40.000 до 60.000 војници“, додаде Вестнер.

Тој посочи дека активниот состав би требало постепено да се зголеми на 260.000 војници, а паралелно со тоа да се развие и способна резерва, со цел вкупната воена подготвеност да достигне 460.000 лица.

Овие повици за проширување на воените капацитети доаѓаат пред клучниот самит на НАТО следниот месец, на кој земјите членки ќе ги преиспитаат своите одбранбени позиции во светло на војната во Украина.

Новоизбраниот германски канцелар, Фридрих Мерц, веќе го постави модернизирањето на германската Армија како врвен приоритет откако стапи на функцијата претходно овој месец.

Минатата година, трошоците за одбрана на Германија достигнаа 2,12 % од БДП, во споредба со 1,19 % во 2014 година, исполнувајќи го прагот на НАТО од 2 % за годишни трошоци за одбрана.

Според проценките, доколку Германија се одлучи да го зголеми воениот буџет на 5 % од БДП, тоа би значело издвојување на околу 225 милијарди евра за одбраната.

​​​​​​​

На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.