Davit Kachkachishvili
17 Јуни 2022•Ажурирај: 18 Јуни 2022
ЛИСИЧАНСК (АА) - ДАВИД КАЧКАЧИШВИЛИ -
Цивилите кои од крајот на февруари престојуваат во засолништето во градот Лисичанск во украинската област Луганск, каде што се водат интензивни судири меѓу Руските и Украинските вооружени сили, ги раскажаа своите искуства, пишува Агенција Анадолија (АА).
За жителите на Лисичанск, кој е под силно бомбардирање и артилериски напади, засолништата се единствената надеж, во кои со месеци престојуваат стотина бегалци од почетокот на војната на 24 февруари.
Во тешки услови продолжува животот на голем број цивили кои се сместени во засолоништето под училишната зграда во градот, на кои им помагаат претставниците на украинските безбедносни сили и доброволци кои се осмелиле да влезат во регионот каде што се спроведуваат интензивните воздушни напади.

Ала Велелјук (80), која се наоѓа во засолништето од почетокот на март бидејќи немала безбедно место за престој, за Агенција Анадолија (AA) изјави дека живее близу Лисичанск, во местото Северодоњецк, каде што сега се води урбана војна.
Изјавувајќи дека нејзината ќерка и зет не сакале да ја напуштат куќата во Северодоњецк во која живееле и се засолниле во подрум, Велелјук раскажа:
„Ќерка ми и зетот останаа таму. Не знам ниту како се. Не можам да допрам до нив. Нема телефонска врска. Ни тие не знаат ништо за мене.“
Рече дека на 1 март во Северодоњецк биле исклучени гасот и струјата, и дека одреден период престојувала во тамошните засолништа, а пред три месеци била евакуирана во Лисичанск, бидејќи хуманитарната помош со потешкотии стигнувала во нејзиниот град.
Истакнувајќи дека обично целото време го поминува во засолништето, Велелјук рече: „Немам што да правам тука. Седам по цел ден. Надвор постојано има експлозии, но кога ситуацијата ќе се смири, понекогаш излегуваме на чист воздух. Често слушаме експлозии, денеска се поинтензивни...“
Опишувајќи го секојдневието, рече дека она што се случува на улиците послабо се слуша во засолништето: „И овде ја чувствуваме опасноста. Не знаеме што ќе се случи во иднина.“

Раскажа дека на рана возраст останала без сопруг и не може да оди во побезбедни области бидејќи е стара и нема средства, и додаде: „Само во нашата соба има околу 40 луѓе. И во другите соби има цивили. Тука е студено, а има деца. Се надевам дека војната наскоро ќе заврши.“
Лјуба (70) која не сакаше да го каже своето презиме, престојува во засолништето од крајот на февруари. Таа изјави дека останатиот дел од нејзиното семејство се наоѓа во Луганск, но не можела да најде време за да оди таму.
„Кога дома сè уште имаше струја, гас и вода, излегував од засолништето и одев дома да готвам. Можеше барем еднаш дневно да се подготви топол оброк. Ја носев храната тука“, рече Лјуба.
Раскажувајќи дека во градот нема гас, вода и струја повеќе од еден месец, Лјуба рече: „Сега сме постојано тука. Тука ни помагаат граѓани волонтери.“
Посочувајќи дека секојдневниот живот во засолништето продолжува под тешки услови, Лјуба рече: „Ситуацијата тука е тешка. Се разбира дека луѓето тука се во тешка ситуација бидејќи повеќето од нив се стари и болни. Доаѓаат луѓе и нѐ прашуваат зошто не одиме на побезбедни места. Останав овде затоа што не можев да си дозволам. Имам само пензија.“
Рече дека повеќето од луѓето, како и таа, во засолништето се наоѓаат од почетокот на војната, но и дека некои си заминале, а други граѓани дошле на нивните места. „Многу луѓе чии куќи беа уништени од нападите на артилериските системи, дојдоа тука. Има луѓе и од други подрачја на градот.“
Додаде дека и зградата над засолништето е оштетена во интензивните воздушни напади на регионот: „И тука фрлија бомба. Делови од бомбата што експлодира во дворот ја оштетија зградата. Се скршија прозорците.“
Наведувајќи дека една од нејзините ќерки живее во Русија, Лјуба рече дека долго време не може да разговара со членовите на нејзиното семејство бидејќи нема телефонска врска.