Ahmet Dursun
02 Мај 2019•Ажурирај: 04 Мај 2019
АНКАРА (АА) - Министерот за надворешни работи на Иран, Џевад Зариф, истакна дека Техеран не сака да ја зголеми тензијата со Вашингтон, но според него, нема да дозволат Ормускиот Проток да стане небезбеден, пренесува Anadolu Agency (AA).
Зариф во изјава за телевизискиот канал „Ал џезира“ (Al Jazeera), со седиште во Катар, нагласи дека нема да дозволат Соединетите Американски Држави (САД) да го доведат Ормунскиот Проток во небезбедна состојба.
Тој рече дека зголемувањето на тензиите со САД не е во корист на Иран.
„Иран не сака да ја зголеми тензијата со САД. Отворено истакнавме дека Персискиот Залив, како и Ормунскиот Проток, се витални за нас. Ние сакаме тие места да бидат безбедни и слободни за сите земји, вклучувајќи го и Иран. Доколку САД донесат одлука да го доведат Ормунскиот Проток во небезбедна состојба, Иран нема да го дозволи тоа“, додаде Зариф.
Зариф, осврнувајќи се и на обвиненијата на земјите како Саудиска Арабија, Израел и САД, кои Иран го опишуваат како извор на дестабилизацијата во регионот, рече: „Моментално, кој интервенира во Судан и Либија? Кои земји го ставија под блокада Катар? Во Турција, кој реализираше план за државен удар? Внимавајте на настаните кои се случуваат во овие земји. Дали Иран интервенира во овие земји?“
Шефот на иранската дипломатија истакна дека советникот за национална безбедност во Белата куќа, Џон Болтон, израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху, саудискиот престолонаследник, принцот Мухамед бин Селман, како и престолонаследникот на Абу Даби, принцот Мухамед бин Заид, кои ги нарече „Б-екипа“, упатуваат апел за војна против Иран.
Зариф нагласи дека тоа не е нешто ново, и додаде: „Болтон, во написот за весникот „Њујорк тајмс“ (New York Times) во 2015 година, се осврна на војната, и упати предлог за нуклеарен напад, со цел да се спречи Иран да добие нуклеарно оружје.“
Тој рече дека интервенциите на САД на Средниот Исток го доведуваат регионот во колапс. „Претседателот Доналд Трамп соопшти дека САД во нашиот регион потрошиле 7 трилиони долари. Го уништија нашиот регион“, истакна Зариф.