Ata Ufuk Şeker
02 Мај 2019•Ажурирај: 03 Мај 2019
БРИСЕЛ (АА) - Европската Унија (ЕУ) го изрази своето „длабоко жалење“ од стапувањето на сила на законот Хелмс-Бартон во Соединетите Американски Држави (САД), кој овозможува поднесување тужби против странските фирми кои работат во Куба, пренесува Anadolu Agency (AA).
Високата претставничка на Европската Унија (ЕУ) за надворешна политика и безбедност, Федерика Могерини, даде писмена изјава во врска со одлуката на администрацијата на Вашингтон, да стапи во сила законот Хелмс-Бартон, со кој ќе може во САД да се поднесуваат тужби против фирмите кои работат во Куба.
Во соопштението се истакнува дека одлуката претставува кршење на договорите меѓу САД и ЕУ донесени во 1997 и 1998 година.
„Европската Унија е длабоко загрижена од стапувањето на сила на законот Хелмс-Бартон во САД“, пишува во соопштението.
Се наведува дека Законот ќе предизвика непотребни спорови, и ќе штети на довербата и предвидливоста на трансатлантското партнерство.
- „Во спротивност со меѓународното право“ -
Во соопштението се вели дека примената на еднострани и прекугранични мерки со Куба е во спротивност со меѓународното право.
Европската Унија ќе ги преземе сите неопходни чекори, како што се стапување на сила на Законот за блокирање со кој нема да се признаваат судските одлуки, со кои можат да се спроведуваат казните на САД за фирмите во Куба.
Исто така, компаниите кои тргуваат во Куба ќе ги користат сите права пропишани во Светската трговска организација (WTO).
Американскиот државен секретар, Мајк Помпео, неодамна изјави дека САД на 2 мај ќе ја укинат забраната за поднесување тужби против компаниите кои тргуваат со Куба, по Револуцијата од 1959 година.
Со укинувањето на забраната, се предвидува дека врз голем број странски компании, повеќето европски, кои во времето го експлоатирале имотот на Американците, ќе можат да се поднесуваат десетици тужби, а се претпоставува дека со тоа на дневен ред ќе треба да се исплатат надоместоци од милијарди долари.
Според законот Хелмс-Бартон од 1996 година, донесен во американскиот Конгрес, американските граѓани имаат право да поднесуваат тужба против секоја компанија која тргува со Куба или работи во неа, земја која се наоѓа под санкции од САД. Меѓутоа, почнувајќи од претседателот Бил Клинтон, сите други претседатели по него, не го спроведоа овој закон за да не претставува пречка за иден консензус со Куба.
Истата година ЕУ го усвои Законот за блокирање, со кој не се признаваат судските одлуки, со кои требаше да се спроведуваат казните на САД за фирмите во Куба.