Alma Cekovic
08 Јуни 2017•Ажурирај: 08 Јуни 2017
ЛОНДОН (АА) - Во Велика Британија денес се одржуваат вонредни парламентарни избори, на кои 46,9 милиони регистрирани гласачи имаат право да изберат 650 пратеници во парламентот, јавува Anadolu Agency (AA).
Избирачките места беа отворени во седум часот по локално време, а граѓаните до 22 часот ќе можат да гласаат во над 40.000 избирачки места.
Британците ќе избираат меѓу 3.303 кандидати во 650 изборни крузи низ целата земја, колку што има места во Долниот дом на парламентот, а за да формира апсолутно мнозинство, партијата мора да освои 326 пратенички места.
Изборите во Велика Британија се одвиваат во сенка на два терористички напади, што се случија во текот на предизборната кампања.
Општите избори во Велика Британија требаше да се одржат во мај 2020 година, но со одлука на премиерката Меј датумот на нивното одржување е преместен за 8 јуни оваа година. Меј ја донесе оваа одлука со цел воспоставување на стабилност и единство во преговорите за Брегзит што ги води Велика Британија со ЕУ.
Очигледно е дека лидерите на партиите во земјата, кампањата ја водат кон стратегијата за Брегзит, а со изјавите за тоа дека се избира иднината на Велика Британија по Брегзит, се настојуваше да се влијае на гласачите.
BBC (Би би си) пренесува дека според најновите анкети, предноста на британската Конзервативна партија на Тереза Меј пред Лабористичката партија на Џереми Корбин е значително помала од пред еден месец, и дека варира меѓу еден и 12 отсто.
Меј во текот на предизборната кампања вети дека ќе изгради посилна, поправедна и попросперитетна Велика Британија, додека лидерот на опозицијата, Џереми Корбин, вели дека ќе владее за мнозинството, а не за поединецот.
Вкупната излезност на гласачите на минатите парламентарни избори во 2015 година, во кои победија конзервативците беше 66,4 отсто.