Zlatan Kapiç
30 Јуни 2017•Ажурирај: 30 Јуни 2017
ДУБРОВНИК (АА) - Министерката за надворешни и европски работи на Република Хрватска, Марија Пејчиновиќ Буриќ, денес во Дубровник го отвори состанокот на Процесот за соработка во југоисточна Европа, јавува Anadolu Agency (AA).
Со овој состанок се завршува едногодишното хрватско претседателство со таа организација која ја сочинуваат 13 земји.
Како што нагласи таа, овој собир придонесува за стабилизација на подрачјето, а со поддршка и соработка со ЕУ, Хрватска ја одржа безбедноста во регионот, што ќе го прави и во иднина.
„Хрватска е заинтересирана за безбедноста, стабилизацијата и просперитетот на своите соседи. Европската перспектива се покажа како најдобар алат за зајакнување на отпорноста на предизвиците за безбедноста. Хрватска и понатаму ќе вложува максимални напори во зајакнувањето на билатералните, политичките и економските односи со сите земји во соседството“, изјави таа.
Република Хрватска на 1. јули 2016 година го презеде едногодишното претседавање со СЕЕЦП од Бугарија, а по Хрватка ќе претседава Словенија. СЕЕЦП ја сочинуваат Албанија, БиХ, Бугарија, Црна Гора, Грција, Хрватска, Косово, Македонија, Молдавија, Романија, Словенија, Србија и Турција.
Пејчиновиќ Буриќ изјави дека понуди за претседавање со СЕЕЦП за 2018 и 2019 година поднеле Косово и БиХ, нешто за коешто ќе се разговара, а исто така упати честитки до Словенија којашто денес го презема едногодишното претседавање и ја понуди сета потребна помош.
Таа утринава одржа билатерални состаноци со министерот за надворешни работи на БиХ, Игор Црнадак, министерот на Косово, Енвер Хоџај и со министерот за надворешни работи на Македонија, Никола Димитров.
Србија ја претставува министерот за надворешни работи, Ивица Дачиќ, а во име на Турција, на денешниот состанок присуствува заменик-министерот за надворешни работи, Ахмет Јилдиз.
Дачиќ во своето излагање потсети дека членството во ЕУ останува стратешка цел на Србија.
Завршниот состанок на шефовите на држави и влади денес попладне го отвора претседателката на Република Хрватска, Колинда Грабар Китаровиќ, а самитот завршува денес, со свечена вечера на којашто ќе присуствува и премиерот на Хрватска, Андреј Пленковиќ, кој утре наутро ќе ја отвори 12. по ред традиционална меѓународна конференција „Дубровник Форум“.
Процесот за соработка во Југоисточна Европа започна во 1996 година во Софија, на бугарска иницијатива, и е единствениот политички форум за промовирање на соработката во регионот кој настана на поттик на самата југоисточна Европа, а не на другите меѓународни организации или држави.