Abdullah Aşıran
09 Април 2021•Ажурирај: 10 Април 2021
РОТЕРДАМ
Заканувачко писмо во кое се вели: „Муслиманите треба да бидат запалени живи“ испратено е до џамијата „Омер Ибн ал Катаб“ во Алмере, Холандија, пренесува Агенција Анадолија (АА).
На страницата на џамијата на една од социјалните мрежа споделена е информација дека џамијата била нападната трипати во последните шест години.
Во објавата се наведува дека овој пат е испратено заканувачко писмо до џамијата.
Во испратеното писмо се нагласува:
„Муслиманите се виновни и треба да бидат запалени живи. Сите џамии мора да бидат запалени. Сите Мароканци и Турци мора да ја напуштат земјата или ќе бидат удавени во гасови како Евреите во Аушвиц. Да живее победата (Sieg Heil). Адолф Хитлер е сѐ уште жив.“
Се додава дека џамиската заедница многу се плаши од содржината на заканувачкото писмо и дека се прашува колку долго ќе траат овие закани.
Во веста објавена во локалните медиуми се нагласува дека раководните лица на фондацијата на џамијата се пожалиле до полицијата и дека таа го испитува инцидентот.
Меѓу другото, во веста на локалниот медиум се истакнува дека минатата недела до многу џамии е испратен плик во кој пишувало: „Тоа е велигденски подарок за оние кои се сожалуваат самите себеси.“
Во пликот имало пелени, искинати листови од Куранот и карикатури со кои се навредува божјиот пратеник Мухамед.
Минатата недела, исто така беше соопштено дека џамијата „Еселам“ на Мароканското исламско здружение која е во изградба во градот Гуда била опожарена од 40-годишен напаѓач и била оштетена.