Elena Teslova
04 Март 2022•Ажурирај: 04 Март 2022
БРЕСТ (АА) - Русија и Украина во втората рунда од мировните преговори се договорија за воспоставување хуманитарни коридори за евакуација на цивилите и за достава на храна и лекови, изјави членот на украинскиот преговарачки тим Михаил Подољак, јавува Агенција Анадолија (АА).
„За жал, за голема жал, не ги постигнавме резултатите што ги очекувавме. Единствено што можам да кажам е дека доволно темелно разговаравме за хуманитарните аспекти бидејќи многу граѓани сега таму се опколени. Ситуацијата е драматична во однос на храната, лековите, можностите за евакуација“ рече Подољак на прес-конференцијата по втората рунда преговори со руската страна во белорускиот град Брест.
Тој го прочита, како што рече, „официјалното соопштение договорено од страните“, и додаде дека преговорите ќе бидат продолжени во најбрз можен рок.
„Страните постигнаа договор за заедничко воспоставување хуманитарни коридори за евакуација на цивилите, како и за достава на лекови и храна до местата на најжестоки борби со можност за привремен прекин на огнот за време на траењето на евакуацијата во подрачјата каде што ќе се случува тоа“, рече Подољак.
За таа цел наскоро ќе се воспостават канали за комуникација и ќе се одредат логистичките процедури, појасни тој.
„Мислам дека ќе продолжиме да разговараме за сите аспекти за постигнување прекин на огнот во блиска иднина“, додаде Подољак.
Втората рунда мировни преговори меѓу Русија и Украина се одржа во белорускиот град Брест.
Првата рунда преговори се одржа во понеделникот и заврши без конкретни резултати по преговорите кои траеја околу пет часа. Но, двете страни, сепак, се согласија да одржат втор круг преговори со цел да се постигне прекин на огнот.