ИСТАНБУЛ (АА)
- Ѓулџин КАЗАН ДОГЕР
Бројката на деца што Израел ги уби во Газа за само 3 недели, ја надминува бројката на убиени деца од 2019 досега во зоните на судири низ светот, соопшти палестинскиот адвокат Ахмед Абофул, кој работи на полето меѓународното право, известува Анадолу.
Абофул, правен советник на организацијата за човекови права Ал Хак, со седиште во Рамала, на Западниот Брег, зборуваше за децата убиени во Газа по повод 20. ноември, Светскиот ден на детските права.
Тој наведе дека здравствениот систем во Газа колабирал.
„Болниците се полни со ранети луѓе кои лежат по ходниците. Лекарите се принудени да им дадат приоритет на ранетите. Мртовечниците се исто така полни, а лекарите изведуваат операции без анестезија. Стотици илјади луѓе бараат засолниште од бруталното бомбардирање. Училиштата се пренатрупани, каде постои опасност од избувнување на епидемија поради лошите хигиенски услови“, истакна Абофул и додаде дека станува сѐ потешко да се утврди колку луѓе се убиени во Газа и колку од нив се деца.
„Она што го знаевме пред колапсот на здравствениот систем е дека Израел убиваше по еден Палестинец на секои 4 минути во Газа. Според последните податоци на ‘Save the Children’, бројката на деца што Израел ги уби во Газа за само 3 недели ја надмина бројката на убиени деца во зоната на судири низ светот од 2019 година досега. Израел во моментов убива во просек 6 деца и 4 жени на час“, истакна Абофул.
Тој наведе дека Израел досега извршил повеќе од 1.500 масакри во Газа и од евиденција избришал цели семејства.
„Израел бомбардираше повеќе од 125 здравствени установи, оставајќи приближно 20 болници надвор од функција. Во првата недела од војната, Израел ја бомбардираше Газа со повеќе бомби и гранати отколку што САД фрли врз Авганистан за година дена. Израел уби повеќе цивили во првите 25 дена отколку Русија за 1,5 година дена во Украина. Во рок од 1 месец, фрли експлозив еквивалентен на 2 нуклеарни бомби на Хирошима. Окупаторската војска призна дека ја бомбардирала Газа со експлозив кој е еквивалентен на 10 килограми по лице. Израел досега уби повеќе луѓе во Газа отколку во српскиот геноцидот над босанските муслимани. Ова е геноцид. Ова мора да престане сега“, порача Абофул.
Тој истакна дека Советот за безбедност на Обединетите нации (СБОН) напоменува на 6 сериозни кршења на правата на децата за време на војната.
„Израел прекрши 3 од тие права: убивање и осакатување на деца, напади врз училишта или болници и спречување на децата да имаат пристап до хуманитарната помош. Тој своите напади ги изведува намерно и систематски“, рече Абофул.
Нагласи дека вооружените сили и вооружените групи се должни, во согласност на меѓународното хуманитарно право, да преземат мерки за заштита, особено деца кои се ранливи во текот на судирите.
„Цивилната структура, особено болниците, имаат посебен статус на заштита според меѓународното хуманитарно право. Израелската окупаторска војска сѐ уште не ја презела оваа акција, не пружиле сериозни или убедливи докази дека заштитените места ја изгубиле оваа посебна заштита“, појасни Абофул.
Абофул нагласи дека сите достапни податоци покажуваат дека Израел намерно ги гаѓал децата и жените.
„Израелското систематско гаѓање на заштитените цивили, воглавно жени и деца, болници, амбулантни возила, училишта на УНРВА, пекари, УНРВА магацини на храна и резерви на вода, намерно огладнување со цел луѓето да ги присили да го напуштат Појасот Газа, укажува на политика. Станува збор за низа воени злосторства и злосторства против човештвото, вклучувајќи огладнување, етничко чистење и измачување. Ова е уште една Накба која се одвива пред нашите очи и често покажува сериозни знаци на геноцид“, рече Абофул.
Тој наведе дека повеќе од 50% на населението на Газа го сочинуваат деца.
„Мнозинството деца во Газа и претходно доживеале еден или повеќе израелски напади. Некои претходно биле ранети и ги изгубиле родителите или саканите. Ниту едно дете на светот не би требало да страда на овој начин. Срамна е дамката на човештвото, палестинските деца мораат да минуваат низ ова“, рече Абофул.
Потсети дека медицинскиот персонал во Газа почнале да го користат изразот „WCNSF“, што е кратенка од „Рането дете без преживеано семејство“, за палестинските деца.
„Ова е кратенка која не би требало да постои. Никој тоа не го заслужува. Не може да постои оправдание за суровоста и непочитувањето на човечкиот живот. Срце ме боли за децата кои ги загубија родителите или семејствата. Незамисливи и нехумани се страдањата што палестинските деца се принудени да ги поднесат“, порача Абофул.
Спомена и дека палестинските деца се тешко трауматизирани.
„Различни извештаи подготвени пред последните напади откриваат дека повеќе од 91% од децата во Појасот Газа доживеале некој вид траума. Оваа стапка самата по себе би требало да биде доволна за да ја потресе свеста на човештвото, но за жал страдањето на Палестинците изгледа дека е нормализирано и се толерира. Историјата нема да им прости на оние кои ги нормализираат и рационализираат злосторствата на Израел над децата, бидејќи и тие луѓе ја имаат крвта на палестинските деца на своите раце“, истакна Абофул.
Нагласи дека различни органи на ОН, посебно Детскиот фонд на ОН (УНИЦЕФ), не ја исполнил својата одговорност за заштита на децата во текот на вооружените судири.
„ОН срамно пропушти да ги заштитат палестинските деца. Целосен скандал е што Израел сѐ уште не е ставен на годишната црна листа на ОН на земји кои во судирите ги кршат правата на децата. Нивниот неуспех и неподготвеност да ги заштитат палестинските деца како и другите деца ширум светот, ги доведува во прашање нивниот кредибилитет и ефикасност“, додаде Абофул.